Може ли вештачката интелигенција да ја предвиди добитната комбинација или само открива како „попаметно“ да се игра лото?
Многу ентузијасти веруваат дека со помош на вештачка интелигенција може да се „хакира системот“ и да се дојде до добитна лото комбинација што носи милиони. И додека машините одамна победуваат шаховски велемајстори, останува прашањето: дали можат да ги пробијат системите каде што владее чиста случајност?
Препорачано
Математиката е јасна – вештачката интелигенција не може да гарантира победа, но може да укаже на обрасци кои човечкото око лесно ги пропушта, пишува „Н1“.
Лото-барабанот нема меморија
Главниот проблем со кој се соочуваат системите на вештачка интелигенција е тоа што лото-барабанот нема апсолутно никаква меморија. При секое извлекување, веројатноста за секој број се „ресетира“. Тоа значи дека вашиот „среќен број“ има потполно иста шанса да биде извлечен, без разлика дали се појавил во претходното коло или не бил извлечен со месеци.
Сепак, вештачката интелигенција е многу прецизна во препознавање на лошите навики на играчите. Повеќето луѓе избираат родендени, годишнини или цртаат шеми по ливчето. Ако користите вакви предвидливи обрасци и добиете награда, математички е речиси сигурно дека ќе мора да ја делите со стотици други играчи кои размислувале исто.
Правила за „попаметен“ избор на броеви
Анализирајќи милиони претходни извлекувања, системите на вештачка интелигенција извлекоа неколку правила кои можат да помогнат вашата комбинација да биде поуникатна и статистички пооправдана:
Избегнувајте низи: Речиси никогаш не се извлекуваат повеќе од два последователни броја (на пример 12, 13, 14).
Броеви над 31: Повеќето луѓе играат датуми. Со избор на броеви поголеми од 31 автоматски се елиминира голем дел од играчите со кои би ја делеле добивката.
Правило на „златна средина“: Податоците покажуваат дека збирот на добитните броеви најчесто се наоѓа во средниот дел од опсегот. На пример, ако се игра со 6 броеви од 1 до 39, аритметичката средина е 20. Ако се помножи со 6, се добива 120. Идеалниот збир на броевите на ливчето треба да биде што поблиску до оваа вредност.
Мешајте парни и непарни броеви: Избегнувајте комбинации што содржат само еден вид броеви.
Технологијата против среќата
Современите програми извршуваат стотици илјади симулации во секунда за да пронајдат комбинации што никој друг не ги игра. Тоа е тактички паметно, но целиот концепт на лото е дизајниран да ја направи секоја математичка предвидливост бесмислена.
На крајот, потпирањето на компјутер носи пореален пристап и помага да се намалат нереалните очекувања. Купувањето лото ливче треба да остане забава, а не инвестициски план. Вештачката интелигенција можеби нема да ви донесе милиони, но може да ве научи како да не играте „како сите други“.


