Комарец - Фото: Pexels

Можат ли 32 милиони стерилни комарци да спасат милиони животи? Гугл верува дека можат

Најопасното животно на светот можеби не е она што го очекувате. Тоа не е отровна змија ниту ајкула предатор, според Центрите за контрола и превенција на болести (CDC), тоа е наизглед безначајниот комарец. Овие инсекти се пренесувачи на смртоносни болести како маларија, денга грозница и западнонилски вирус, одземајќи илјадници животи секоја година, пренесува „Мајмодермет“.

„Алфабет“ (Alphabet), матичната компанија на Гугл, го креираше проектот „Дебаг“ (Debug) — иновативен план за намалување на популацијата на комарци, кој вклучува пуштање на 32 милиони вакви инсекти во Калифорнија и Флорида.

„Лошите комарци шират болести. Добрите комарци можат да ги запрат“, е мотото на тимот на „Дебаг“. Составен од научници и инженери, овој тим работи на одгледување и пуштање во природата на стерилни машки комарци. Премисата е едноставна:

„Машките комарци не можат да каснат ниту да шират болести, па затоа добрите инсекти ќе ги запрат лошите во размножувањето. Со текот на времето, ќе има сè помалку и помалку лоши комарци“.

Комарец – Фото: Pexels

Планот се потпира на природна бактерија наречена „Wolbachia“, која ги прави машките комарци неспособни да имаат потомство со дивите женски инсекти. Во нивното одгледување не се вклучени никакви хемикалии или токсини, а не станува збор ниту за генетска модификација.

Тимот во моментов го таргетира комарецот од видот „Aedes aegypti“, познат по ширењето на Денга грозница, жолта треска и Чикунгуња (вирусна болест ендемична во Источна Африка и делови од Азија).

Тимот објаснува дека самата идеја не е нова, со оглед на тоа што постои уште од 50-тите години.

Комарец – Фото: Pexels

„Тоа се нарекува Техника на стерилни инсекти (SIT) и веќе има дадено резултати кај други видови инсекти, како овошните мушички, црви и јаболковиот молец. Но, ова никогаш не функционирало со комарци во доволно големи размери за да се спречи пренесувањето на болестите. Комарците се кревки и тешки за одгледување во потребниот број. Со ’Дебаг‘, ние развиваме нови технологии за да го овозможиме тоа“, објаснуваат од „Дебаг“.

Тимот исто така споделува дека, во моментов, одвојувањето на машките од женските комарци е бавен, мануелен процес, но тие развиваат технологија за негова автоматизација. Доколку успее, ова би имало подолготрајно влијание и би предизвикало далеку помалку загадување во споредба со пестицидите.

Проектот „Дебаг“ веќе покажа ветувачки резултати во Сингапур. Од лансирањето во 2024 година, Сингапур постигна 80-90 отсто намалување на популацијата на комарците „Aedes aegypti“ и повеќе од 70 отсто намалување на случаите на Денга грозница, по период од шест до 12 месеци од пуштањето на инсектите. Денес, таму се пуштаат над 10 милиони стерилни машки комарци секоја недела.

Комарец – Фото: Pexels

Ова го поттикна тимот на „Дебаг“ да ги прошири своите напори и во САД, каде што поднесоа барање за пуштање до 16 милиони комарци годишно во Калифорнија и Флорида во период од две години. Барањето моментално го разгледува Агенцијата за заштита на животната средина (EPA), која може да издаде дозвола за експериментална употреба по завршувањето на периодот за јавни коментари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот