Монографско издание на „Ми-ан“ од Ангелина Бановиќ-Марковска и Златко Крамариќ ќе има промоција во КИЦ-Скопје
Во Културно-информативниот центар во Скопје, на 11 ноември, во 12 часот, ќе биде промовирана книгата „И повторно политика, култура, идентитет“ од Ангелина Бановиќ-Марковска и Златко Крамариќ . Промотори се академик Катица Ќулафкова и проф. д-р Славчо Ковилоски.
Препорачано
Монографијата „И повторно политика, култура, идентитет“ на двајцата реномирани македонисти, книжевни теоретичари и културолози, Ангелина Бановиќ-Марковска и Златко Крамариќ, ја потврдува нивната долгогодишна посветеност на актуелните теории, не само во книжевната наука, туку и во културологијата, политологијата и историјата. Книгата содржи предговор и дванаесет есеи кои претставуваат природно продолжение на темите отворени во нивниот претходен заеднички проект.
Книгата во фокусот на својот интерес повторно ги става, исчитува и толкува најбитните прашања од националниот културен и книжевен живот, дефиниран од еден поширок историски, етнички и политички хронотоп, карактеристичен како за македонскиот, така и за балканскиот 19, 20 и 21 век.
Занимавајќи се со политиката и поетиката на етнонационалните идентитети – видени низ призмата на културната антропологија, историографија и имагологија – авторите на овој труд нудат темелен и сеопфатен увид не само во културната меморија, туку и во идеологијата и етиката што ги обележале најтрауматичните моменти од македонската (но не и исклучиво македонската!) историја и култура.


