МОН: Деновиве ќе има одлука за полагањето на државната матура

Фото: Архива

Во министерството се разгледуваат неколку предлози од Државниот испитен центар како можни решенија за полагањето на државната матура во вонредна состојба со прекинат наставен процес во училиштата.

Околу 15.000 матуранти се во исчекување дали и кога оваа учебна година ќе полагаат државна матура, просец за кој се пропишани прецизни рокови и серија постапки. Од Министерството за образование и наука за „Слободен печат“ велат дека разгледуваат повеќе опции, но одлуката се уште не е донесена. Неизвесно е и кога ќе се одржи уписот на првачињата, кој законски се врши во текот на мај.

Има време и за уписи до септември

Според правилникот, државната матура се полага во два испитни рока, во јуни и во август. Сите кандидати во државата ги полагаат екстерните испити на ист датум и во исто време, што поради пандемијата со коронавирусот и вонредната состојба годинава веројатно нема да биде можно во јуни. Минатата седмица министерот за образование Арбер Адеми најави дека можно решение за матурантите е првиот испитен рок да се одложи за во јули.

–  Во моментот се разгледуваат неколку предлози од Државниот испитен центар како надлежна институција за спроведување на државната матура, но се уште не е одлучено како овој процес ќе се реализира за оваа тековна учебна 2019/2020 година. Конечната одлука ќе ја донесеме во следните денови и истата ќе биде заснована на најдобриот интерес на учениците, а јавноста и засегнатите ќе бидат соодветно и навремено информирани – информираат од МОН.

Според календарот за организација на оваа учебна година, матурските испити требаше да почнат од 30 мај во 10 часот, за кога е закажан екстерниот испит по македонски јазик и литература. Странските јазици треба да се полагаат на 11 јуни, предметите хемија, физика, биологија, историја, филозофија и социологија на 13 јуни, а математика на 15 јуни. Подготвителната настава требаше да се одржи од 20 до 26 мај.

Во врска со уписот на првачињата во деветолетките од МОН велат дека ако има потреба процесот „ќе биде одложен за малку подоцна“. Оваа година треба да се запишат децата што се родени во 2014 година.

– Новата учебна година започнува во септември, така што има доволно време за упис. Ова пролонгирање на роковите важи и за уписот во средните училишта – велат од министерството.

Оценување мора да има

Деновиве се очекуваат и првите оценки за успехот што го постигнале учениците кои скоро цел месец учат од дома, при што наставата се одвива со импровизации. Бирото за развој на образованието (БРО) неодамна издаде упатство за наставниците за тестирање и оценување во кое се препорачуваат повеќе методи и техники за оваа намена како есејски прашања, изработка на проекти, постери и истражувачки задачи преку работа во група, дискусии преку скајп или вибер, мултимедијални презентации, тестови на знаења и контролни вежби. Наставниците со помош на квиз алатки треба да состават тестови кои можат да бидат со задачи, со прашања со повеќе избори, со отворени прашања или со надополнувања и кратки одговори. Тестовите не треба да се обемни и се препорачува да содржат најмногу десетина суштински задачи прашања.

Неодамна министерот Адеми рече дека наставниците треба да се креативни и снаодливи и да обезбедат дека учениците нема да препишуваат при онлајн тестирањето.

Наставниците не сакаат јавно да го коментираат упатството за оценување, особено што се уште не се сите деца подеднакво вклучени во онлајн наставата и не се сите наставници со еднакви ИТ вештини за да создадат тестови. Дел од нив сметаат дека успехот од наставата за време на вонредната состојба треба да се оценува само описно, без бројчани оценки и да не се пресметува во крајниот успех. Исто така, наставниците реагираат и на обврската да водат електонски дневик  со објаснување дека се преоптоварени со другите обврски што им се наметнаа во овој период.

Според МОН, нема потреба на наставниците да им се држи дополнителна обука за оценување во вонредни услови, односно упатвото од Бирото за образование (БРО) е доволно, а водењето на е-дневник е задолжително.

–  Упатството кое го изготви БРО е детално и сосема доволно за да им даде насоки на наставниците на кој начин да ги следат постигањата на учениците и да ги оценуваат. Водењето на педагошката евиденција е задолжително во наставата. Во спротивно, тоа воопшто не би претставувало настава. А во конкретната ситуација далечинското учење со уредба на Владата е утврдено како формална настава – велат од МОН.

Во врска со реакциите на родителите дека наставната програма не е скратена и дека на децата им се бара премногу материјал за совладување, надлежните велат дека се во постојана комуникација со училиштата, но досега не добиле такви поплаки. Имале реакци од родители во врска со кратките рокови за реалзизација на задачите што им ги задале наставниците, но со дополнителни инструкци од БРО, проблемот бил надминат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот