МОН: Децата ќе бидат побезбедни во училиште, отколку во парковите и дискотеките (ВИДЕО)

Како последица на кризата предизвикана од вирусот Ковид 19, учениците од март до јуни наставата ја следеа од дома. Дали на ваков начин ќе се одвива образовниот процес и од септември, денеска во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ зборуваше заменик министерката за образование и наука, Елизабета Наумовска.

-Министерството за образование овие денови интензивно работи на неколку понудени модели кои оваа недела ги разговара и усогласува со Комисијата за заразни болести. Првиот модел е за физичко присуство на учениците, во мали групи, со скратени часови и со протокол за безбедност и заштита на учениците, наставниците и другиот персонал во училиштата. Вториот модел претставува комбинација од учење во училница и учење од дома. Доколку пак, епидемиолошката слика во одреден регион бара одржување на настава од далечина, наставата во тој случај така ќе се реализира, рече заменик министерката за образование, Елизабета Наумовска.

Таа додаде дека сите кои ќе бидат вклучени во образовниот процес, ќе треба да се придржуваат до мерките за заштита.

Заменик министерката за образование и наука, Елизабета Наумовска

– Со протоколите ќе биде опфатен и начинот на организација на часовите и одморите помеѓу часовите, одржување на дистанца на учениците, што верувам дека ќе се почитува многу повеќе отколку во парковите или во дискотеките. Учениците за време на часовите ќе мораат постојано да носат маски, а доколку немаат, ќе им даваат и во училиштето, за што треба добро да се подготват училиштата и општините, нагласи Наумовска, и додаде дека скрининг на наставниците нема да се реализира.

– Мое лично мислење е дека скринингот не е потребен од причина што, ако некој добил негативен резултат денес, не значи дека утре нема да се зарази. Од друга страна, негативниот резултат само може да предизвика ослободување и со тоа непочитување ба мерките за заштита. Од друга страна станува збор за 38.000 наставници во средните и основните училишта, кои не можат да се тестираат за една недела нагласи Наумовска.

Во протоколот за настава ќе бидат опфатени и децата и наставниците со хронично заболувања, а за нивната состојба ќе се разговара деновиве, кога ќе бидат и усогласени деталите. Околу валидноста на оценките добиени од онлајн тестовите, Наумовска рече дека познати им се недостатоците од ваквиот вид на работа.

– Согласно Законот за образование, учениците имаа повеќе од 100 наставни дена, пред да се затворат училиштата, на 11 март, што овозможува да добијат крајна оценка. Можевме уште тогаш да им дадеме свидетелства и дипломи, но одлучивме да го продолжиме наставниот процес до 10 јуни, за да не им биде досадно на децата за време на полицискиот час, истакна Наумовска.

Целиот разговор проследете го во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот