МојДДВ#МојаНаграда: Од 15 декември, сите сметки, и оние со 0 денари поврат, ќе влезат во наградниот барабан

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

На 15 декември започнува наградната игра МојДДВ#МојаНаграда, во која учество ќе земат сите сметки кои граѓаните кои ќе ги скенираат преку апликацијата „МојДДВ“ по овој датум, дури и оние во кои за повратот на ДДВ стои 0 денари.

Министерката за финансии, Нина Ангеловска денеска на прес конференција ги објасни сите детали во врска со оваа наградна игра, а се задржа и на новитетите во апликацијата „МојДДВ“.

– Вкупниот награден фонд изнесува 500.000 евра и вкупно ќе бидат доделени 3.852 парични награди. Граѓаните ќе имаат трикратна корист, покрај тоа што ќе имаат можност да добијат награда, тие ќе добијат поврат на ДДВ и секако ќе придонесат во борбата со „сивата економија“, а како што кажав, кога таа губи, тогаш добиваме сите – рече министерката.

Оваа наградна игра ќе трае една година, односно од 15 декември 2019 до 14 декември 2020 година. Предвидени се награди на дневно ниво, поточно 10 награди секој ден, 4 од 1.000 денари, 3 награди од 2.000 денари и 3 награди од 3.000 денари.

– Мобилната апликација веќе доби нова верзија и кога ќе ја отворите ќе ви се појави екран со кој треба да се согласите дека ги прифаќате условите за наградната игра, а веќе над 80.000 корисници ги имаат прифатено истите. Па така веќе од 15ти кога ќе започне истата, корисниците ќе добиваат пораки дали се добитници, а доколку не, тие ќе добијат едукативна порака – изјави Ангеловска.

Извлекувањето ќе се извршува со електронски генератор по случаен избор. Добитниците на дневни награди ќе добијат известување веднаш по скенирање на сметката. Сите недобитни пак, ќе добијат поучна порака со едукативно-информативна содржина. Исто така, недобитните скенирани сметки добиваат сериски број кој ќе учествува за извлекување во тековното коло за 15 награди од 100.000 денари, како и за двете главни премии.

Датуми на извлекување:

Месечни извлекувања:

04.01.2020 год., 05.02.2020 год., 04.03.2020 год., 04.04.2020 год., 06.05.2020 год., 03.06.2020 год., 04.07.2020 год., 05.08.2020 год., 05.09.2020 год., 03.10.2020 год., 04.11.2020 год. и 19.12.2020 год.

Главни извлекувања: 18.03.2020 год. и 19.12.2020 год.

Директорката за комуникации на Државна Лотарија, Камелија Левенска рече дека извлекувањето на наградите од по 100.000 денари и премиите од 3 милиони денари ќе се одвиваат во живо од студиото каде се одвива Лото извлекувањето веднаш по извлекувањето на Лото 7 и Џокер.

– Со ова во тек на 13 емисии во 2020 година ќе имаме можности за давање награди преку наградната игра МојДДВ #МојаНаграда. Месечните извлекувања на 15 награди од по 100.000 денари ќе се реализираат на почеток на секој месец по Лото емисиите, почнувајќи од првото извлекување на 4 јануари – рече Левенска.

Таа посочи дека за граѓаните ќе биде достапен и контакт центар на Државна лотарија, како и дека е отворена страната loto.mk/MojaNagrada каде граѓаните ќе можат да се информираат за наградната игра.

Министерката за финансии Ангеловска посочи дека и апликацијата МојДДВ е надградена со нови функционалности како пријава на нерегуларности, месечни извештаи во кои граѓаните ќе можат да се информираат за износот на остварениот поврат за секој месец, тримесечни извештаи во кои граѓаните ќе имаат увид за остварениот поврат за секој квартал, како и наградната игра МојДДВ #МојаНаграда, во која корисниците можат да ги видат сите добиени сериски броеви за наградните кола, добиените награди и информации за наградната игра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот