МОЕ ЛЕТО | Лукаревска: Ѓокица Лукаревски ме научи да пливам, со многу карање и викање
Летувањето во Кипар пред неколку години со пријателите е омилениот одмор на Сања Лукаревска. Поранешната директорка на Управата за јавни приходи, пратеничка од редовите на СДСМ, ќерка на популарниот македонски глумец Ѓокица Лукаревски, открива повеќе детали поврзани со нејзините летувања за „Мое лето“ на „Слободен печат“.
Препорачано
-Одморот во Кипар пред неколку години предничи поради едно многу убаво поминато време таму со моите пријатели. Тогаш кога бевме ние не беше атрактивна дестинација, не беше многу популарно, а сега како што ми раскажуваат многумина кои биле е многу променето, уште повеќе развиено. Ме освоија раскошните плажи, впечатливите знаменитости и интересниот ноќен живот, по мој вкус, кој го нуди ова место. Ми беше интерсно што пешачејќи можевме да влеземе и во грчкиот дел на Кипар, па ја правевме разликата помеѓу грчкиот и турскиот дел – вели Лукаревска.
И покрај тоа што е родена среде лето, на Петровден, таа вели дека никогаш не го славела роденденот на плажа, односно практикува да биде дома за роденден.
Првиот одмор Лукаревска го поминала со родителите на камп во Грција. Едно летување, дури, го поминала и со гипс, бидејќи ја скршила клучната коска додека си играла со другарчињата во маало.
Како едно посебно патување го издвои патувањето на турскиот остров Авшар кога била дете, при тоа сподели со нас дека тие биле првите Македонци коишто стапнале на тоа место. На ова патување со семејството тие биле заедно со семејството Карадак.
-Татко ми и Иван Карадак договориле преку туристичка агенција дека ќе одиме на еден остров Авшар којшто е во Турција. И кога веќе стигнавме таму требаше да одиме од копно со брод до островот. Ние бевме првите Македонци кои стапнале на тој остров, тогаш беше нова туристичка атракција. Јас и ќерката на Карадак, Марта, бевме најмали меѓу сите туристи. Интересни ни беа младите, а малку поголеми од нас, коишто ги гледавме како се дружат, се шетаа во вечерните часови, игра билјард … И се договоривме дека малку ќе излажеме за годините. Ни успеа кратко, брзо не фатија – рече Лукаревска.
Таа ни открива и покрај тоа што јавноста ја познава онаа смешната комичната страна на нејзиниот татко, дека тој знаел да биде и многу строг како родител. За време на летото, се присетува, нашата соговорничка, која како што вели, од неа барал да чита секојдневно по неколку страници книга, учејќи ја на дисциплина, па сега е благодарна токму на тоа, сметајќи го како заслуга за нејзината писменост, денес.

Лукаревска научила да плива на рана возраст на море, а ја научил татко ѝ.
-Брзо научив да пливам, по неколку дена вежбање во солена вода и покрај тоа што го паметам како еден драматичен момент од минатото бидејќи се сеќавам беше со многу виакње и карање – низ смеа одговара таа.
Погледнете ја новата епизода на „Мое лето“ со Сања Лукаревска вечерва во 19 часот на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.
Автор и водител на емисијата е Александра Вуксановиќ.


