МОЕ ЛЕТО | Ѓоргиевски: Другарите ми викаа, „рано ти е за женење“, а јас купив прстен и истиот ден ја запросив сопругата во Охрид
Во новата епизода на „Мое лето“ наш гостин е актуелниот градоначалник на Кисела Вода и кандидат за прв човек на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Препорачано
Тој вели дека омилениот одмор му е првиот одмор кога неговиот син Ведран бил бебе. Го памети како интерсно искуство, со оглед на тоа што претходно оделе сами со сопругата. Ѓорѓиевски памети дека одморите од детството ги поминувал на планина кај дедо и баба, првиот одмор со другарите му бил во средношколските денови во Охрид.
Охрид има посебно значење за Ѓорѓиевски, на 22-годишна возраст во балканскиот бисер донел животна одлука.
-Во Охрид ја запросив сопругата. Не бевме долго во врска, но знаев дека таа е вистинската, едноставно тоа го чувствувате. Бевме на одмор со друштво во Охрид. Моите родители не знаеја што имам на ум, другарите ми викаа дека е рано. Јас еден ден решив да купам прстен, го купив од таму, од Охрид, и вечерта ја запросив во дискотеката, имав среќа да ги познавам музичарите, се качив на бина, го зедов микрофонот и ја побарав пред сите – се присетува на овој емотивен момент Ѓорѓиевски.
Летото 2025 ќе биде едно поинакво лето за него, како што вели, нема премногу време за уживање.
-Ова лето ќе биде малку поразлично за мене. Успеавме да украдеме малку време и заминавме на продолжен викенд неколку дена до Турција. За првпат бев во Анталија на инсистирање на мојот син. Многу убаво си поминавме. Толку ќе биде одмор за мене оваа година. Моите ќе ги испратам сами да уживаат некаде оваа година. За првпат без тато на одмор – вели Ѓоргиевски.

Сака да ужива на плажа, но вели дека не трча рано да фати место, за разлика од многумина.
-Ние сме малку поинакви во поглед на одењето на плажа. Еве, на пример за разлика од сестра ми, која трча што е можно порано да оди на плажа, ние сме спанковци. И јас и сопругата и синот сакаме убаво да се наспиеме на одмор, тоа ни е најважно, па на сметка на сонот одиме покасно на плажа и остануваме до покасно – низ смеа раскажува тој.
Одмор без агенда
Ѓорѓиевски на првите одмори со сопругата одел со агенда, со план како да ги поминат деновите, на што сопругата му пркосела.
– Првите одмори инсистирав да има агенда и за време на одморот, но сопругата се противеше. Подоцна сфатив дека е во право. Ако во текот на годината живееме со агенда, на одмор треба да се опуштиме, нели? – вели нашиот соговорник.
Гледајте ја новата епизода на „Мое лето“ на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.
Водител и автор на емисијата е Александра Вуксановиќ.
МОЕ ЛЕТО | Лукаревска: Ѓокица Лукаревски ме научи да пливам, со многу карање и викање


