МНАВ: Тенденциозни се нападите кон нас, вработувањата се според истите критериуми како и претходно
МНАВ ги смета за тенденциозни и без основа негодувањата на инженерите и инструкторите од компанијата откако вчера еден од тројцата директори на македонска навигација, Љубе Стаменковски и раководителите на одделот за информатички и надзорни технологии, на одделот за надзорни системи, на одделот за навигациски системи, на електро-енергетски системи и на одделението за воздухопловна техника Охрид, поднесоа оставки од раководните функции, незадоволни од изборот на кадри кои се вработени во секторот за техника.
Препорачано
„Согласно законот за работни односи и условите предвидени во систематизацијата се објавува оглас за инженери и техничари. Имено во систематизацијата на МНАВ за студент-инженер (приправник) пишува дека има диплома од електротехнички науки, 2 години работно искуство, лекарско уверение класа 4, познавање на англиски јазик (нивото на знаење не е наведено, што значи од А1-Б2). Интервју се спроведува доколку има двајца или повеќе кандидати кои ги исполнуваат условите за едно работно место. Во нашиот случај со инженери и техничари, имавме само по еден кандидат за сите 7 работни места. Важно е да се нагласи дека со договор овие услови се имплементирани во МНАВ пред 4 години, и за истото немаше негодување, стои во реакцијата на МНАВ.
Оттаму додаваат дека примените кандидати – двајца инженери и 1 техничар понатака ќе бидат на „он џоб“ тренинг за АТСЕП согласно програмата за обука која ќе трае една година.
„Безбедноста во ниту еден случај не е загрозена, со оглед дека истите нема да бидт вклучени во оперативно делување пред стекнување на соодветно овластување од стручните инструктори. Доколку не се стекнат со горенаведеното овластување согласно систематизицијата, истото потенцирано и во самиот оглас за вработување, ќе добијат отказ од работа“, стои во реакцијата на МНАВ.
Според соопштението, согласно извештајот од Комисијата за избор на пристигнати апликации со редовна документација се предложени до Управен одбор пет инженери и двајца техничари.
-Поради неуреден статус во Агенцијата за вработување, иако беа задоволени нашите критеруими, не беа процесирани за вработување тројца инженери и еден техничар. Примени на редовен работен однос на неопределено време се 2 инженери и 1 техничар, наведува МНАВ.
Македонската навигација потсетува дека лицата кои испратиле допис за оставки до УО се контрадикторни со самосебеси затоа што истите „се примени со редовен работен однос во МНАВ со истите законски критериуми како и најновите од вчера. Новите инженери имаат дополнителна клаузула дека може да им се откаже работниот однос, додека кај постоечките инженери тоа не им го пишуваше во огласот“.


