ММФ го поздрави економскиот напредок: Продолжува закрепнувањето, инфлацијата ќе се намали во втората половина на 2022 година

Фото Архива на СП

Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), која траеше од 23 ноември до 10 декември, ја соопшти економската состојба на Република Северна Македонија за изминатата година.

ММФ укажуваат дека овие мисии се организираат во рамките на редовните консултации (најчесто еднаш годишно) согласно членот 4 од договорот на ММФ, во контекст на барање за користење ресурси од ММФ (позајмување од ММФ), како дел од разговорите за програми кои се следат од тимот на ММФ, или како дел од друг мониторинг на економските движења од страна на тимот.

Тие  предвидуваат еконмскиот раст во државава да се зголеми од 4 проценти годинава на 4,2 проценти во догодина, главно поттикнат од големата домашна побарувачка. Очекува инфлацијата во 2022 година да биде 3,9 проценти во просек и да се стабилизира на околу 2 проценти во 2023 година и во периодот потоа, а фискалниот дефицит да се намали на 4,3 проценти од БДП во 2022 година, од 5,9 проценти во 2021 година.

„Силната поддршка на политиката го ублажи економското влијание на пандемијата. Фискалните мерки помогнаа да се спречат големи загуби на работни места и да се заштитат најранливите, додека монетарните и финансиските мерки го задржаа протокот на кредити кон економијата. Бидејќи неизвесноста останува висока, политиките треба да се одржуваат флексибилни. Акцентот треба да биде ставен на ограничување на економските лузни од пандемиската криза, притоа постигнувајќи напредок на долгогодишните реформски приоритети, како што се понатамошно зајакнување на управувањето со јавните финансии и администрацијата на приходите, како и зајакнување на финансиската безбедносна мрежа“ се вели во соопштението.

Тие го поздравуваат досегашниот напредок во обезбедувањето транспарентност и отчетност во користењето на јавните пари, со препорака истиот да продолжи.

Во соопштението се вели дека инфлацијата ќе почне да се намалува во втората половина на следната година и ќе се стабилизира на околу 2 проценти во 2023 година и во периодот потоа.

Тие очекуваат економското закрепнување да продолжи и наредната година

Мисијата нотира дека со Буџетот за 2022 година се обезбедуваат повеќе средства во здравствениот сектор, вклучително и средства за вакцини, а воедно се обезбедува рамка за флексибилен одговор на потребите поврзани со пандемијата.

Среднорочната фискална стратегија е клучна за обнова на фискалниот простор, при што се препорачува продолжување на напорите за фискална консолидација со што ќе се обезбеди фискален простор за одговор на идни шокови.

Управување со јавните финансии

Мисијата во изјавата нотира дека понатамошните подобрувања во делот на управување со јавните финансии ќе значат поддршка на планот на Владата за зголемување на инвестициите и погенерално, ограничување на фискалните ризици.

Во однос на економските движења за наредната година се очекува вработеноста постепено да закрепнува, додека високиот раст на платите, растечките дознаки и користењето на дел од кумулираните заштеди да влијае на зголемување на расположливиот приход. Мисијата очекува солиден раст на извозот, иако, како што нотира, на истиот неповолно ќе влијаат нарушувањата во синџирот на снабдување, особено во автомобилскиот сектор, додека големата домашна побарувачка подразбира висок раст на увозот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот