Миркуловски: Сите знаат колку е силна Данска, нема да калкулираме
Македонската ракометна репрезентација ја заврши серијата контролни натпревари во рамките на подготовките, а членот на стручниот штаб Филип Миркуловски изрази задоволство од формата и прикажаната игра на националниот тим.
Препорачано
Во последниот тест пред стартот на Европското првенство, избраниците на Кирил Лазаров вчера славеа победа над Митјиланд со 35-27. Сега фокусот е целосно насочен кон првиот натпревар на шампионатот, против силната Данска, кој е закажан за 16 јануари (петок) со почеток од 20:30 часот.
„Последната проверка пред почетокот на Европското првенство мислам дека беше успешна бидејќи победивме и се прикажавме во вистинско светло пред првиот натпревар против Данска. Натпреварот на селекторот му послужи за да ги види последните тактички подготовки, сепак играме во тешка група, но ние сме тука да изненадиме. За Данска не треба да се трошат зборови, дури и тие малку што следат ракомет знаат колку се силни, тие се фаворити против речиси сите репрезентации.
Секогаш е чест да се биде дел од репрезентација, бев како играч, сега во една друга улога. Можеби е малку потешко сега зошто не можеш директно да помогнеш на теренот. Момците се исклучително талентирани, имаат многу искуство, иако се млади одиграа неколку големи турнири и во иднина можеме само да растеме“, изјави Миркуловски.
Македонија на Европското првенство ќе настапува во група со селекциите на Данска, Португалија и Романија.
ВИДЕОАНКЕТА: Што очекуваат граѓаните од македонската ракометна репрезентација на ЕП 2026?


