Министерството за здравство се фрли на работа: Се проверува дали во приватните болници пациенти се оперираат без потреба, само за профит како што тврди Сашко Кедев
Откако интервентниот кардиолог доктор Сашко Кедев изнесе тврдење дека во Македонија во приватни болници се вршат непотребни неетички хируршки интервенции, отворања на граден кош и стентирања без потреба само за профит, Министерството за здравство веќе се координира за проверка на овие тврдења како и за спроведување на итни и вонредни надзори со цел добивање на целосната слика, информираат оттаму.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Дополнително, министерот Азир Алиу веќе најави дека комплетната дигитализација на здравствениот сектор ја опфаќа и двонасочната размена на информациите меѓу јавните и приватните здравствени установи преку системот Мој Термин – и дека само тогаш ќе има јасна слика и за евентуалните злоупотреби на системот и на финансиските средства.
Здравствениот систем се заснова на доверба и затоа секоја јавна комуникација треба да биде одмерена и заснована на проверливи информации, без шпекулации и без поистоветување на поединечни случаи со целиот систем. Секако дека секој има право на свое мислење, а посебно ако тоа е поткрепено со аргументирани факти но исто така сметаме дека потребно е да се избегнуваат изјави кои водат до генерализации и сензационализам, велат од Министерството за здравство.
Оттаму додаваат дека во здравството постојат јасно утврдени професионални стандарди, протоколи и законски постапки, како и компетентни тела надлежни за нивна примена и потсетуваат дека почитувањето на професионалниот интегритет на здравствените работници е задолжително, исто како и почитта кон правата на пациентите.
Одлуките за лекување се темелат на клинички индикации, но и на право на второ стручно мислење. Пациентите треба да се чувствуваат охрабрени да поставуваат прашања, да бараат појаснувања и доколку имаат дилема, да побараат второ мислење — тоа е дел од добрата медицинска практика. Оваа тема бара трезвен пристап и почит кон фактите а безбедноста на пациентите, медицинската етика и медицината заснована на докази се основните принципи врз кои се заснова пристапот на здравствениот систем. Овие принципи се основата и на новиот пристап со раководење со Министерството за здравство, се наведува во соопштение од Министерството.
Инаку Кедев во емисијата „Стадион“ посочи оти најголемиот дел од неговата консултативна активност ја поминува во одвраќање на луѓе од непотребни интервенции, непотребни стентирања и непотребни операции.
Ние во моментот се соочуваме со нешто застрашувачко, а тоа се тие непотребни интервенции кои што се профит ориентирани. Имаме пролиферација на приватни болници, на кои што интересот им е профитот. Тоа се лесно докажливи работи, ние имаме докази дека одредени центри треба да се затворат од медицински аспект. Да се случува тоа во Англија или Америка тоа ќе биде под клуч. Оперирале без потреба, сечеле граден кош без потреба, имаме докази за тоа. Тоа е фасцинантно нешто, кое што треба релевантните институции да преземат нешто, пред се министерството за здравство и фондот, бидејќи тие плаќаат некои од овие интервенции. Зборуваме за многу сериозни етички проблеми, поврзани со профит – рече Кедев.


