Министерство за финансии: Граѓаните нема да имаат трошок за ДДВ за пратките од „Тему“, „Алиекспрес“…
Целта на законските измени е зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании, создавање нови работни места и борба против сивата економија, соопштија од МФ
Трошокот за пресметката и плаќањето на ДДВ нема да падне на товар на граѓаните, што значи дека нема да има промена на цените за крајните потрошувачи, а мерката ќе обезбеди фер конкурентност помеѓу домашните и странските онлајн продавници.
Препорачано
Ова го соопшти Министерството за финасии откако пратениците ги усвоија иземните на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки со вредност до 22 евра. Законските измени уште кога се најавија, станаа голема тема во јавноста со оглед на големиот интерес за онлајн пазарење особено од платформите „Тему“ и „Алиекспрес“.
„Целта на овие законски измени се зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места“, соопштија од Министерството.
Оттаму велат дека спроведувањето на измените се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании. Со укинувањето на ослободувањето, околу 4 милиони денари месечно, колку што изнесува прометот кон странските онлајн платформи во одредени периоди, ќе се пренасочат кон домашното стопанство.
„Овие средства ќе помогнат во растот на локалните компании, креирањето нови работни места и подобрувањето на условите и платите на вработените. Оваа измена претставува значаен чекор во заштитата и развојот на домашната економија, особено во услови на интензивна глобализација и раст на дигиталната трговија. Дополнително, новиот модел ќе придонесе за намалување на сивата економија. Досегашниот систем дозволуваше можни злоупотреби – увоз на стоки ослободени од ДДВ кои понатаму се продаваа на домашниот пазар. Новите законски решенија ја спречуваат оваа пракса и обезбедуваат фер и контролирана пазарна средина. Со усвојувањето на измените, државата испраќа јасна порака за поддршка на компаниите што создаваат додадена вредност, инвестираат во развој и отвораат нови работни места во земјата“, велат од Министерството за финансии.


