Министерот за здравство тврди дека невакцинираните деца нема да се примаат во градинките во цела држава

Илир Демири - министер за здраство /Фото: "Слободен печат"/Драган Митрески

Министерот за здравство Илир Демири денеска изјави дека на територијата на целата држава не треба да се примаат невакцинирани деца со Ди Те Пер вакцината во градинките и дека потпишал таква наредба. Но, состојбата на терен е поинаква. Со оглед на тоа што градинките функционираат врз основа на писмени наредби кои ги немаат добиено, тие и понатаму примаат невакцинирани деца. Велат дека се штитат од организирани антивакцинални движења со пасија да тужат.

Епидемија од пертусис односно голема кашлица, има само во Скопје, а и таму на надлежните им требаше еден месец за да се координираат и да издадат наредба здравствениот инспекторат да оди во контрола на градинките и да бара невакцинирани деца. Во другите градови од државата не е прогласена епидемија на голема кашлица.

Демири на новинарско прашање дали мерките се задоцнети во Скопје, со оглед на тоа што Комисијата за заразни болести препорача невакцинираните деца да не се примаат во градинките уште пред 8 февруари рече дека не се функционирало само со писмени наредби, туку и на други начини. Сепак, писмените наредби се исклучително важни. Градинките во Скопје денеска ги примаа сите деца независно од тоа дали имаат пропуштена доза од Ди Те Пер вакцината, затоа што немаат правен основ за постапување. Градинките во Скопје и денеска чекаа „црно на бело“ односно официјален допис да не примаат невакцинирани деца. Таков допис нема, па ниту едно дете во Скопје кое е невакцинирано, не е вратено од градинка.

Мислам дека ова го организиравме пред две недели, ова е трета недела како сум министер, имајте го и ова во предвид. Не само на територија на Град Скопје, туку и во цела држава ќе барам засилени контроли и да се вакцинираат тие што не се вакцинирани. Има потпишано таква наредба за забрана за прием за цела држава. Јас знам што е препорака на Комисија за заразни болести знам што е моја препорака, официјализацијата со документ е од денеска. Но, ние не фукциорнирамо само на писмено дадени наредби . Поодамна е пристапено, сум имал и јавни изјави дека треба да се вакцинираат деца, доволно е сензибилизирано и нема оправдување, смета Демири.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот