Мицотакис пристигна во Пекинг, се очекува средба со Си

Мицотакис во Кина / Фото Влада на Грција

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ќе се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг, премиерот Ли Чианг и претседателот на Националниот народен конгрес Жао Леџи, за време на неговата официјална посета на Кина.

Мицотакис денеска пристигна во Пекинг и го посети Забранетиот град, а средбите со државниот врв се закажани за утре.

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека посетата била планирана долго време и се очекува да биде можност да се разговара за прашања поврзани со билатералната соработка, како и за теми од регионален и меѓународен интерес.

-Грција настојува да ги зајакне билатералните трговски односи, туристичките односи и да го зголеми грчкиот извоз во Кина, особено во земјоделскиот сектор и стандардизираните производи. Се очекува да се разговара и за случувањата на Блискиот Исток и за последнните случувања во Украина. Кина како членка на Советот за безбедност на ОН може да игра важна улога во регионалните и меѓународните безбедносни прашања и во одржувањето на меѓународниот мир и стабилност, рече Маринакис.

Додаде дека позицијата на Грција е дека се неопходни отворени канали на комуникација со Кина и соработка за справување со глобалните предизвици, како што се климатските промени, за односите да бидат конструктивни и заемно корисни.

Дополнително, потсети дека веќе две од најголемите кинески рејтинг агенции го надградија кредитниот рејтинг на Грција на инвестициски степен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот