Мицкоски: Не очекувам подобрување на односите со Бугарија
Како претседател на македонската Влада ќе опстоиме на она што претставува наш корен, ќе опстоиме на линијата на македонскиот идентитет и од тоа нема да отстапиме, изјави премиерот Христијан Мицкоски, на денешниот настан на кој се одбележуваат 123 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода Гоце Делчев.
Препорачано
На прашањето што очекува од новата бугарска влада, Мицкоски вели дека не очекува значителни промени, но дека македонската Влада е подготвена за разговори на кои ќе се соочат аргументитe од двете страни.
„Ако ме прашате лично мислење, ќе ви дадам лично мислење – не очекувам воопшто да се промени атмосферата, напротив очекувам истата таа атмосфера да се вжешти затоа што сè уште имаме структури и политички, но и општествени кај нас дома коишто се подготвени да коленичат пред бугарските власти и да бидат мекото ткиво на македонската надворешна политика. Сè додека има такви политички структури и општествени сили јас не очекувам промена на односот на нашиот источен сосед. Но ние како влада сме секогаш подготвени на билатерални, мултилатерални разговори и да ги соочиме нашите аргументи и се разбира оние аргументи што ќе преовладаат, ние сме подготвени да ги прифатиме исто како што очекуваме и спротивната страна да ги прифати нашите аргументи ако преовладаат“, изјави Мицкоски.
Според премиерот. македонскиот народ и во 21 век се соочува со проблеми со признавање на идентитетот и јазикот.
На новинарско прашање дали власта се подготвува за внесување на Бугарите во Уставот, како што деновиве тврди опозицискиот СДСМ, Мицкоски рече дека некои прашања не заслужуваат одговор.
„Такво е и ова прашање. Мислам дека одговор на ова прашање дадов во воведниот дел од моето денешно обраќање.“
Во своето воведно обраќање, пак, кое го даде по свечената богослужба по повод одбележувањето на 123-годишнината од смртта на Гоце Делчев, премиерот Мицкоски рече дека сè уште постојат земји членки на Европската Унија кои не ги почитуваат и не ги спроведуваат вредностите на македонскиот револуционер.
„Имаме такви земји кои го негираат идентитетот на македонскиот великан Гоце Делчев и македонскиот многувековен идентитет. Во 21 век македонскиот народ сè уште се соочува со овие предизвици со кои не би требало да се соочува. Наместо да се бориме за заедничка и подобра иднина, ние отвораме прашања од минатото, а некои од нив имаат корени во средниот век. Ние како влада ќе опстоиме на она што претставува наш корен, ќе останеме на линијата на македонскиот идентитет. Тоа е црвената линија и нема ни милиметар да отстапиме“,рече премиерот по богослужбата.


