Мицкоски - Филков

Мицкоски ја сосече „кампањата“ на ЗНАМ со ревизија на Бадентер

Филков одигра на етничка карта со најавите за ревизија на Бадентеровото гласање, но идејата веднаш ја отфрли лично премиерот Христијан Мицкоски, а беше осудена и од вицепремиерот Арбен Фетаи

Предизборно секогаш наголемо се лиферуваат етнички теми за кревање на рејтинзите на партиите и на политичарите. Потврда за тоа е најновата во низата, односно најавата на министерот за правда Игор Филков за можна ревизија на Бадентеровиот принцип. Со проблематизирањето на двојното или Бадентеровото гласање, Филков игра на етничката карта за ЗНАМ, која е дел од владиното мнозинство, но намерно или случајно го крева и рејтингот на опозициската ДУИ, како дежурен бранител на Рамковсниот договор.

Дилемата дали Владата размислува за ревизија на Бадентеровиот принцип ја разреши премиерот Христијан Мицкоски со констатацијата дека тој е дел од Уставот и од Рамковниот договор кој целосно е исполнет и дека тоа прашање е затворено. Владините партнери ВМРО-ДПМНЕ и Вреди експресно ја затворија темата за ревизија на Бадентеровиот принцип, а ДУИ оцени дека таквите идеи се преопасни во мултиетничко општество.

Филков: Македонија мора да оди напред, ќе се создаде правен вакуум

Филков, во контекст на Изборниот законик кој заглави во Собранието бидејќи власта нема Бадентерово мнозинство, во интервју за неделникот „Фокус“ вели дека е можеби дојдено време да се ревидира „двојното гласање“, зашто „Македонија мора да оди напред“. Тој се надева дека Изборниот законик ќе помине во Собранието, во спротивно ќе се создаде правен вакуум.

Игор Филков, министер за правда/Фото: Скриншот

– Доколку тоа не се случи, тоа значи Бадентеровото мнозинство се злоупотребува. Ако е така, тогаш можеби е дојдено време да размислиме за потребата тоа да се ревидира. Македонија мора да оди напред – вели Филков.

Иако кога беше во опозиција, премиерот зборуваше поинаку, за Рамковниот договор вчера рече дека е затворено прашање.

– Тоа правило е дел од Рамковниот договор. Рамковниот договор е дел од Уставот, Рамковниот договор е целосно исполнет и завршен, и тоа е завршена и затворена тема. Тоа што претставуваше суштински и институционален проблем беше „балансерот“. Ние понудивме закон за правична застапеност кој, освен етничката ќе има компонента која ќе оценува според квалитет и компетенците, и го чекаме мислењето од Венецијанската комисија за него – рече Мицкоски.

Христијан Мицкоски
Фото: Принтскрин

Тој во 2022 година како опозициски лидер, за барањето на партиите на Албанците од Уставот да се избрише формулацијата „20 остсто“ и тој да стане еднаков со македонскиот јазик, рече дека е подготвен да разговара за, како што рече, нов договор за Македонија со кој би се избришала и нормата „20 отсто“ од Уставот, но и нормите „Бадентер“ и „Балансер“, за во Македонија да има фер систем во кој луѓето ќе напредуваат, затоа што имаат знаење и се конкурентни, а не затоа што се дел од некаква квота или бројка.

ДУИ: Такви идеите од партии и политичари се преопасни

И вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи порача дека овој принцип ќе остане нечепнат.

– Свесни сме дека предизборната кампања буди секакви фантазии надвор од секоја реалност кои целат само кон неколку гласови повеќе. Сепак, нагласуваме за да отстраниме секаква сомнеж: Бадентер не е засегнат – изјави Фетаи.

Според него, секој обид да се доведе во прашање овој механизам е правно невозможен:

– Дури и ако некој се обиде да оди подалеку од предизборната демагогија за да го оспори во реалноста, нема пратеник Албанец кој би поддржал таква иницијатива, додека без мнозинство гласови на Албанците е правно невозможно да се влијае на Бадентер – вели Фетаи.

Арбен Фетаи Дото: Принтскрин

Од ДУИ, пак, предупредија дека такви идеи од партии и политичари се преопасни. Според портаролот на ДУИ Арбр Адеми, за жал, сè повеќе им се дава простор на политички сили кои имаат опасни идеи и кои мислат дека мултиетничките држави не се функционални, а кои се поборници на чистоетнички држави.

– Такви идеи и такви идеолози се опасни, зашто се заоструваат меѓуетничките односи. Ние сме сведоци дека оваа Влада има агенда систематски да го напаѓа Рамковниот договор, и тоа се покажа преку укинувањето на „балансерот“, преку непочитувањето на правичната застапеност, со непочитување на Законот за албански јазик, со иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за негово укинување. Вакви идеи од политичари се преопасни не само за Македонија туку за целиот регион – рече Адеми.

Тој повтори дека уште при формирањето на Владата, ДУИ укажала дека не може да се формира Влада без етнички легитимитет и дека одговорот стасал сега кога власта нема Бадентерово мнозинство.

– Но има политичари кои имаат опасни тези да се гази Уставот, Рамковниот договор и целиот политички систем кој е воспоставен со меѓусебен договор во 2001 година за да градиме еднаква, заедничка татковина. Со стратегии со кои се напаѓаат столбовите на Уставот и на Рамковниот, не носат подобро утре за сите нас. За жал, тоа се потврдува секој ден по формирањето на Владата која е без етнички легитимитет сè до денеска – вели Адеми.

Арбр Адеми Фото: Принтскрин

За потпретседателот на ДУИ и кандидат за градоначалник на Чаир Бујар Османи, можната ревизија на Бадентеровиот принцип е потврда дека планот за демонтирање на Охридскиот договор се реализира чекор по чекор.
Остра реакција на изјавата на Филков упати и Кренар Лога, поранешниот министер за правда од Алијанса на Зијадин Села.

– Откако оспорија сè што има врска со Албанците – двојазичноста, балансерот, пописот на населението, секојдневните навреди, безначајни функционери – отидоа толку далеку што и самата криминална власт на Милошевиќ би им завидувала. Сега сакаат повторно да го преиспитаат и двојното гласање, односно таканаречениот „Бадентер“ – вели Лога.

Тој додава дека јазикот на Влада е „дестабилизација“ и провокација во сите области.

Кренар Лога

– Да се има фашистичка илузија дека си избран за да ја редефинираш државата според субјективни вкусови е наивно и неморално во најдобар случај, а злонамерно во најлош – што во превод значи поделба на земјата и подарување на најголемиот дел (Јужна Бановина) на Федерална Република на „српски свет“, со пронаоѓање на вечниот виновник – Албанците. Северна Македонијае наш дом, таа е на сите нас, а не на неколку олигарси или удбаши од минатото маскирани како политичари или бизнисмени – вели Лога и побара Филков да се извини, а обвинителството да се позанимава со него, бидејќи го предизвикува уставниот и правниот поредок на државата.

Владата има план ако кандидатските листи станат „километарски“

Мицкоски не ја исклучи можноста да пропаднат локалните избори ако се кандидираат многу независни кандидати и во таков случај Владата има уставно и законско право и можност да именува повереници во општините.

– Сè е можно, можно е гласчкото ливче да биде 7 – 8 метри, да ги обесхрабри граѓаните да излезат, да се намали цензусот, но тука сакам да предупредам дека согласно Уставот и Законот, ако не е успешен избирачкиот процес, Владата е таа која именува владини повереници, така што неодговорното однесување на поединци или поедини политички партии ќе резултира со ваков тип на можности. Сега дали тоа ќе се случи, ќе видиме многу скоро. До 1 сепетември треба да заврши овој процес и да се види каков ќе биде – рече Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот