Мицкоски и Кошта ќе бараат излез од ќор-сокакот со Бугарија
Се очекува Кошта од Скопје да ја повтори пораката што ја испрати по повод Денот на Европа – Северна Македонија има место во Европската Унија, но земјата треба да ги исполни преземените обврски, вклучително и уставните измени за впишување на Бугарите во Уставот.
Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта денеска ја започна својата балканска турнеја во пресрет на самитот ЕУ-Западен Балкан што на 5 јуни ќе се одржи во Тиват во Црна Гора. Во рамките на турнејата, тој ќе ги посети Сараево, Тирана, Скопје, Приштина и Белград. Како што е најавено, Кошта ќе пристигне во Скопје утре, 2 јуни, и ќе има средба со премиерот Христијан Мицкоски.
Препорачано
Главната агенда на претседателот на Европскиот совет, според најавите, ќе биде фокусирана на процената на можностите за проширување на Европската Унија со фокус на решавање на меѓусоседските отворени прашања, на зајакнување на регионалната соработка, безбедноста и стабилноста, како и на поттикнување на лидерите од регионот кон испорачување конкретни реформски резултати.
Се очекува Кошта од Скопје да ја повтори пораката што ја испрати по повод Денот на Европа – Северна Македонија има место во Европската Унија, но земјата треба да ги исполни преземените обврски, вклучително и уставните измени за впишување на Бугарите во Уставот.
Во меѓувреме во Скопје, според изјавите на премиерот Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, Македонија останува цврста во ставот дека нема да се направат уставни измени без гаранции дека земјата нема да се соочи со нови блокади на патот кон ЕУ. Во Унијата, пак, се разгледуваат нови концепти за постепена интеграција на регионот.
На прашањето што очекуваат од посетата на Кошта, министерот Муцунски денеска изјави дека со претседателот на Европскиот совет ќе дискутираат за повеќе прашања меѓу кои и спорот со Бугарија.
– Станува збор за редовна посета во рамките на агендата што претседателот Кошта ја има во регионот. Ќе дискутираме за повеќе прашања, за посветеноста на Владата околу реформската агенда, а сигурно ќе дискутираме и за спорот со Бугарија. Нашите позиции се принципиелни како и досега. Кошта бил проактивен чинител во тој процес, имал неколку обиди да се помогне за да дојдеме до решение и во таа смисла ќе продолжи нашиот дијалог, секако во рамките на позициите коишто Владата прилично јасно и транспарентно ги има објавено до овој момент – изјави Муцунски, одговарајќи на новинарски прашања во Собранието.
Во врска со најавите на премиерот Мицкоски, дека со Кошта ќе разговара за неколку можни решенија, Муцунски не сакаше да ги открие.
– Идеите доколку јавно ги презентираме, нема да имаат ефект. Имаме дискусија што трае од моментот на формирањето на оваа влада. Ние сме свесни дека имаме спор за кој треба да има достоинствено решение. Во таа смисла и повеќе идеи се споделени, нон-пејпер не постои, но постојат идеи што се споделуваат со претставниците на ЕУ и сите се во рамките на некои принципиелни очекувања што ние како држава ги имаме. Примарното очекување е да се постават јасни институционални гаранции кон нас дека ова ќе биде последната пречка од билатерален карактер, и второто, многу суштинско прашање, е прашањето за непримената на пресудите од Меѓународниот суд за човекови права од страна на Бугарија, кои се поврзани сами по себе со малцински права во држава земја членка на ЕУ – додаде Муцунски.
Тој посочи дека на неодамнешната средба со бугарската шефица на дипломатијата Велислава Петрова-Чамова, ја запознал својата колешка со овие идеи за можни решенија.
– Јас на министерката ѝ ги кажав нашите позиции прилично јасно, идеите се дел од тие позиции. Јасно ѝ кажав, доколку Бугарија има очекувања од нас, и ние имаме очекувања од Бугарија. Ја слушнав бугарската колешка за потребата од барање решенија. Ние сме тие што бараат решенија, ние сме тие проактивните, но истовремено треба да има свест во Софија за одговорноста спрема регионалната безбедност и стабилност, бидејќи во моментов односот на Софија кон ова прашање е однос на неодговорност. Ние сме земји членки на НАТО и сме партнери во Алијансата. Невидено е во ова време, партнери во Алијансата да си поставуваат такви пречки едни на други – дециден беше Муцунски.
Лидерот на СДСМ Венко Филипче, пак, очекува Кошта денеска недвосмислено да каже дека сега е моментот на проширување на Европската Унија и дека Македонија не треба да ја испушти шансата.
– Уставните измени не се ризик. Не е точно дека пак ќе имаме блокади, затоа што проширувањето е стратегиска цел на Европската Унија, сега треба да се приклучиме. Мицкоски и Муцунски само ги заплашуваат граѓаните дека ќе ни го земат идентитетот и јазикот. Тоа е лага, исто како што лажеа дека ќе ја подобрат нашата преговарачка позиција кога ќе дојдат на власт. Ништо од тоа нема. Лажна е патриотската реторика на власта – изјави денеска Филипче.
Тој повторно ја повика власта да распише референдум за ЕУ на кој, како што рече, граѓаните сами ќе одлучат дали сакаат европска иднина или продолжена изолација и пропаѓање.
Од владејачката партија го повторија ставот дека земјата нема да прави нови отстапки додека не добие јасни, цврсти и писмени гаранции од Европската Унија во форма на заклучоци. Според ВМРО-ДПМНЕ, секое понатамошно прифаќање услови ќе биде блокирано доколку не се заштитат националните интереси и не се обезбеди сигурност за реален напредок кон ЕУ. Од партијата се децидни дека државата ќе го продолжи својот европски пат, „но исклучиво на достоинствен начин и без прифаќање уцени и диктати“.


