Фото: Фејсбук / Христијан Мицкоски

Мицкоски: Голем дел од граѓаните од соседството полнат бензин кај нас, но не планираме да воведуваме ограничувања

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека и покрај намалувањето на цената на нафтата и нафтените деривати, предизвиците со цената на горивата остануваат и се следат на дневна основа. Истакнува дека Владата се справува прилично стабилно и покрај, како што изјави денеска, историски најголемиот обем на криза.

Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Струга, потенцираше дека имаме доволно резерви, нема најава за какви било попречувања во снабдувањето и оти не се планира ограничување за набавките на горивата за соседните држави.

– Во текот на вчерашниот ден забележано е намалување на цената на нафтата и нафтените деривати на светските берзи за отприлика 20-ина долари по барел, таа цена се движи тука некаде и денеска, помеѓу 95 и 97 долари за барел. Тоа е многу повисoко од цената која беше пред кризата, коja варираше меѓу 65 и 70 долари, во еден период беше и од 60 долари, но не е 120 колку што беше, така што, на дневна основа субвенционираме преку намалената стапка на ДДВ од 18 на 10 проценти, а согласно со последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика имаме намалување на акцизите од 4 денари по литар за дизелот и два денари по литар за безоловните горива, изјави Мицкоски.

Тој соопшти дека е зголемана побарувачката на бензинските станици во државава и оти во одредени денови надминува над два милиони литри.

– Тоа е што е, на дневна основа ги следиме предизвиците, предизвици ќе има, дури и утре да заврши сето ова ќе имаме ефект што ќе трае бидејќи производните капацитети во Заливот, пред се мислам на Кувајт, Ирак, Иран, Саудиска Арабија, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати имаат сериозни оштетувања, некои трајни, некои делумни и дневно има недостиг отрилика на 12 милиони барели. Сега преку теснецот се пропуштаа танкери, дневно меѓу 7 и 10, а во одреден период можеби и повеќе, а пред кризата беа меѓу 50 и 100. Претседателот на Светската енергетска агенција кажа дека нафтените кризи од 1973, 1979 и 2022 година заедно се со послаб интензитет од оваа, рече Мицкоски.

Предизвици, потенцираше, има, но за нас, за граѓаните и за бизнисот е важно дека имаме доволни количини дизел и други горива и нафтени деривари и во цевководот што го пуштивме на почетокот на годината што ја поврзува рафинеријата ОКТА со Солунското пристаниште, но и во државните резерви.

– Досега немаме најава за какви било попречувања во делот на снабдувањето, не планираме да воведуваме ограничувања. На тој начин ги помагаме и нашите соседи бидејќи неколку аеродроми од соседството добиваат керозин од кај нас. Голем дел од граѓаните од соседството се снабдуваат со бензин и дизел од нашите бензински станици. Одредени бензински станици ја имаат зголемено потрошувачката, така што отприлика сега засега и покрај историски најголемиот обем на криза како влада се справуваме прилично стабилно, рече Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот