Христијан Мицкоски - Беким Сали / Фото: „Слободен печат“

Мицкоски бара ресор за Беким Сали да стане прв вицепремиер

За министер за животна средина кој ќе му биде понуден на премиерот, Меџити треба да пресече помеѓу Мухамед Хоџа, портпарол во владите на Зоран Заев и Димитар Ковачевски, и Недим Рама, шеф на кабинетот на Меџити додека тој беше министер за екологија.

Премиерот Христијан Мицкоски и лидерите на Вреди Изет Меџити, Билал Касами, Зеќирија Ибрахими и Арбен Фетаи треба да му договорат ресор на Беким Сали за тој да стане прв вицепремиер на местото на Меџити, кој оваа функција ја замени со градоначалничкото место на Општина Чаир, брифираат од партиите за „Слободен печат“. Ова е исходот од првата средба меѓу владините партнери за пополнување на испразнетите места во Владата по локалните избори.
За министер за животна средина кој ќе му биде понуден на премиерот, Меџити треба да пресече помеѓу кандидатите Мухамед Хоџа, портпарол во владите на Зоран Заев и Димитар Ковачевски, и Недим Рама, шеф на кабинетот на Меџити додека тој беше министер за екологија. Владините партнери допрва ќе се усогласуваат дали Вреди ќе го задржи ресорот екологија и со тоа ќе добие министер повеќе во кабинетот на премиерот.

Премиерот инсистирал Сали да не биде без ресор

Според информациите, премиерот инсистирал дека Сали не може да биде предложен за прв вицепремиер без ресор, односно дека треба да има конкретна одговорност и задолжување. Од Вреди не се согласуваат Сали да биде и прв вицепремиер и министер за животна средина, бидејќи сакаат нов кадар за тој ресор. Имало повеќе комбинации каква одговорност да му се даде на Сали и можно е тој да биде прв вицепремиер, одговорен за ресорот здравство, но нејасно е дали тоа ќе значи дека актуелниот министер за здравство Азир Алиу ќе треба да го напушти Министерството. Суштината, всушност, е дека ако Сали биде предложен само како заменик претседател на Владата, тогаш нема начин како да биде изгласан во Собранието, бидејќи сите вицепремиери имаат одговорност, односно се задолжени за некој ресор. На пример, Арбен Фетаи е заменик претседател на Владата, задолжен за добро владеење, а Александар Николовски е заменик претседател на Владата и министер за транспорт.

Во актуелната Влада на Мицкоски, сите петмина вицепремиери се одговорни за конкретни ресори.
Засега нема договор дали Вреди ќе добие министер повеќе, барање кое Мицкоски јавно го одби. ВМРО-ДПМНЕ инсистира владините партнери да го почитуваат договорот за Влада, односно првиот вицепремиер да има и ресор и Вреди да остане со шест ресори. Повикувајќи се на договорот за Влада, од Вреди сметаат дека им следува ресор, односно дека при поделбата на владиниот колач добиле и прв вицепремиер и министерство за животна средина, независно што претходно во таква двојна улога беше еден нивни претставник – Изет Меџити.

Мицкоски бара трпение

Мицкоски вчерачниот состанок со Вреди го оцени како редовни коалициски координации. Тој не откри никакви детали од средбата со лидерите на Вреди, ниту дали Мухамед Хоџа ќе биде новиот министер за животна средина.

– Бидете трпеливи, многу скоро деновиве ќе се знае. Ако имав што повеќе да споделам, ќе одговорев – рече Мицкоски.

Според информациите на „Слободен печат“, на средбата не станало збор за реконструкција на Владата, кој треба да следи по конгресот на ВМРО-ДПМНЕ на 6 декември, ниту пак за пополнување на неколку директорски позиции во јавни претпријатија, откако некои функционери од Вреди станаа градоначалници.
Владините партнери разговарале и за поверениците кои Владата треба да ги назначи во Гостивар и во Врапчиште, откако таму пропаднаа локалните избори бидејќи немаше доволна излезност. Вреди треба да му предложи на премиерот две имиња за повереници во двете општини. Премиерот потврди дека разговарале за поверениците кои треба да ги назначи Владата во четирите општини каде не беа избрани градоначалници.

– Ја отворивме таа тема и логично е дека ќе зборуваме на таа тема – рече премиерот.

За најавата на вршителот на должност градоначалник на Гостивар, Валбон Лимани, дека Владата нема право да назначи повереник за таа општина, а повикувајќи се на Законот за локална самоуправа, Мицкоски го прозва дали со јавноста споделил дека усвоил на седница на Советот на општината два детални урбанистички планови без мислење од институциите, што е кривично дело.
Дека владините партнери сега не разговараат за реконструкција на Владата, туку само за пополнување на испразнетите позиции, потврди и министерот за економија Бесар Дурмиши.

– Нормално дека лидерите на Вреди, заедно со премиерот, имаат состаноци, бидејќи се коалициски партнери. Немам информации дека има такви иницијативи за промена на ресорите или смена на министри. Целосно сум фокусиран на реализација на приоритетите кои ги имаме утврдено со граѓаните овие 18 месеци – рече Дурмиши.

За да гласа и дијаспората, Снопче бара повторени избори во четирите општини пред Нова година

Пратеникот Халил Снопче од Алијанса за Албанците предводена од Арбен Таравари бара претседателот на Собранието Африм Гаши да покаже институционална независност и пред Нова Година да ги распише повторните избори во Гостивар, Врапчиште, Маврово Ростуше и во Центар Жупа, во законскиот рок, за тие да завршат до крајот на декември и да им се овозможи и на иселениците да гласаат.

Халил Снопче

Според него, законскиот рок за одржување на повторните избори во четирите општини почнува од 29 октомври, а не од денот на последното објавување на резултатите (вчера 12 ноември) и затоа тие треба да се одржат најдоцна до крајот на декември.
Пратеникот изрази сомневање дека одложувањето на објавувањето на резултатите од ДИК било намерно и координирано со Владата, со цел, како што рече, да се избегне периодот кога иселениците се во земјава.

– Дали ваквото одложување беше намерно и координирано со Владата за да се избегне гласање во период кога иселениците се присутни во своите родни места? Со овој законски рок очигледна е намерата изборите да се одржат на 11 јануари, или само неколку дена по заминувањето на иселениците – рече Снопче.

Гаши за 11 јануари ќе ги закаже повторените избори во четири општини

Тој посочи и правна дилема во врска со член 132 од Изборниот законик, според кој, доколку не се постигне цензус, изборниот процес се повторува. Според него, овој член треба да се толкува така што повторувањето на изборите треба да се одвива со истите кандидати, а не со нови, за да се избегне нееднаквост и непотребни одложувања.

– Доколку се дозволи пријавување на нови кандидати, процесот ќе стане нееднаков и практично невозможно е да се организира во рок од 60 дена. Само повторувањето со истите кандидати има правна и административна логика – изјави Снопче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот