Гаши за 11 јануари ќе ги закаже повторените избори во четири општини
Според информации на „Слободен печат“, на средбата помеѓу претседателот на Собранието и ДИК биле споменати два датума за одржување на повторените избори – на 4 јануари или на 11 јануари. Изборот за 11 јануари е поради тоа што на 7 јануари е Божиќ за православните верници, па решено е изборите да бидат по празникот
На 11 јануари следната година ќе се одржат повторените локални избори во четирите општини, каде што поради неисполнет цензус не беа избрани градоначалници, дознава „Слободен печат“ од висок функционер во Владата.
Претседателот на Собранието Африм Гаши се очекува изборите во Гостивар, Врапчиште, Маврово-Ростуше и во Центар Жупа да ги распише најдоцна до понеделник. Државната изборна комисија (ДИК) денеска треба да ги соопшти конечните резултати од локалните избори и да ги извести Собранието и Владата дека треба да се повторат изборите во тие четири општини, а веќе од утре почнуваат да течат роковите за нивно спроведување.
Препорачано
Според информации на „Слободен печат“, на средбата помеѓу претседателот на Собранието и ДИК биле споменати два датума за одржување на повторените избори – на 4 јануари или на 11 јануари. Изборот за 11 јануари е поради тоа што на 7 јануари е Божиќ за православните верници, па решено е изборите да бидат по празникот. Со ова се расчисти и дилемата што ја имаше претседателот на Собранието, а за која се консултираше со ДИК, бидејќи се совпаѓаат термините за повторените избори и истекот на мандатот на актуелниот состав на Изборната комисија – 15 јануари. Ова значи дека повторените избори ќе ги спроведе актуелниот состав на ДИК, а Собранието потоа ќе распише оглас за нови членови на ДИК.
По изборите, Гаши на брифинг со новинарите рече дека веќе се во временски теснец.
– Во Законот има формулација во која се вели дека мандатот на членовите на ДИК трае пет години, но и се вели „до избор на новиот состав“. Се надевам дека ќе најдеме начин. За да се избере нов состав на ДИК, треба десет дена претходно да се објави оглас. Не знам колку ќе биде добро додека трае изборниот процес да огласиме нов оглас за избор на нов состав на ДИК. Се надевам дека ќе најдеме решение во согласност со законот – рече тогаш Гаши.
Претседателот на Собранието тогаш ја истакна и дилемата што за ДИК значи конечни резултати – дали за конечни резултати го сметаат извештајот што го доставиле по првиот изборен круг, каде што констатираат дека во четири општини немало цензус за избор на градоначалник или по вториот изборен круг, кога ќе заврши разгледувањето на сите приговори и кога се објавуваат конечните резултати. Ова поради потребата да се знае според кој датум да се водат.
Откако Гаши и ДИК ги расчистија дилемите, претседателот на Собранието, по консултации со парламентарните партии, ќе реши дали повторените избори ќе ги распише до крајот на неделава или в понеделник.
Според членот 132-а од Изборниот законик, повторените избори од членот 132 став (2) за соодветната општина се одржуваат во рок најдоцна 60 дена по објавување на конечните резултати, при што нема да се применува условот предвиден во членот 132 став (1) од овој законик што се однесува на излезноста од една третина од вкупниот број избирачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина. Ова значи дека победник ќе биде кандидатот кој ќе освои повеќе гласови, без оглед на излезноста во општината.
Откако ќе почнат да течат роковите за повторените избори, како што веќе најави премиерот Христијан Мицкоски, Владата ќе назначи повереници во четирите општини каде изборите пропаднаа, бидејќи немаше излезност на гласачите од 33 отсто. Ова, пак, предизвика негодување кај вршителот на должност градоначалник на Гостивар и актуелен кандидат, Валбон Лимани, кој смета дека е противуставно назначувањето владин повереник за Гостивар. Тој се повикува на Законот за локална самоуправа, односно дека нему, како в.д. градоначалник избран пред година и половина, мандатот му трае до изборот на нов градоначалник. Тој најави дека одлуката на Владата за повереник ќе ја обжали пред Уставниот суд. Премиерот Мицкоски, исто така, повикувајќи се на закон, рече дека Владата ќе назначи повереници во четирите општини.
И на повторените избори, Алијанса за Албанците предводена од Арбен Таравари ќе оди со истите кандидати за градоначалници – Валбон Лимани за Гостивар и Исен Шабани за Врапчиште. Таравари вели дека нема зошто да ги менуваат кандидатите, кога Лимани во првиот круг го победил кандидатот на Вреди со 4 спрема 1, а Шабани победил со 12 спрема 1 во однос на противкандидатот.


