„Ми-Ан“ промовираше книга со драми од Маја Стевановиќ

Книгоиздателството „Ми-Ан“ на 13 октомври во КИЦ-Скопје ја промовираше збирката со драмски текстови „Драми“ од Маја Стевановиќ. Во збирката се објавени текстовите на драмите „На трите вечери“ (1989), „Смртта на Питија“ (1992), според новелата „Смртта на Питија“ од Фридрих Диренмат, и „Децата на Лилит“.

Сите три драмски текстови веќе се изведени на театарската сцена. „На трите вечери“ е изведена во Народен театар Битола во режија на Љупчо Георгиевски во 1989, „Смртта на Питија“ во Театар на народностите – Турска драма во 1992, а „Децата на Лилит“ во Универзална сала во режија на Ѓорѓи Јолевски во 2003 година.

Станува збор за драмски дела кои, иако навидум тематски различни, се поврзани со секојдневноста и денешницата во кои се огледаат етичките, културните, моралните и општествено-политичките дилеми на нашето живеење. Промотори на книгата беа Лорета Георгиевска Јаковлева и Мишел Павловски.

Маја Стевановиќ е драматург, драмски автор и професор по драматургија, а од 2019 година е раководител на катедрата по Театарска и филмска драматургија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Авторка е на сценарија и драматург на многубројни претстави, како и на играни телевизиски филмови и серии.

На промоцијата на книгата Маја Стевановиќ изрази задоволство што нејзините студенти по драматургија ќе можат да ги прочитаат првите драмски текстови на својата професорка и на тој начин да се ослободат од фрустрациите што ги наметнуваат текстовите на светската драмска класика, како текстовите на Шекспир, на пример, чија генијалност често знае да биде како кочница за луѓе што првпат се обидуваат на напишат драмски текст.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 101, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17 октомври 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот