МЕРКИ ЗА СПРАВУВАЊЕ СО КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ: Воведување данок на возила и јаглеродна такса

Климатски промени / Фото: ЕПА

Воведување данок на возила и зголемување на надоместоците кои се плаќаат при увоз на стари возила, се дел од мерките кои се предвидуваат за намалување на емисијата на гасови кои го предизвикуваат ефектот на стаклена градина во земјава, предвидени со новиот закон за животна средина, кој е во владина процедура.

Новите мерки имат цел постепено заменување на возниот парк, имајќи предвид дека транспортот, заедно со енергетиката, отпадот и градежништвото е еден од најголемите загадувачи во земјава.

Законот за животна средина е во владина процедура и набргу ќе влезе во Собранието, а како што посочи Ана Петровска државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање одлучиле да направат одредени непопуларни мерки, кои ќе влијаат на обновување на возниот парк особено во делот на зголемување на надоместоците кои се плаќаат при увоз на стари возила.

Увозот на стари возила со негативно влијание врз животната средина

Оваа мерка, како што посочи Петровска вчера на панел на конференција во Скопје „Климатска акција: Да се спречува и да се лекува” нема сериозно да ги загрози социјалните услови на населението, но ќе даде еден сигнал дека навистина увозот на стари возила придонесува негативно на загадување на воздухот и климатските промени.

-Наскоро во владина процедура ќе влезе и закон за данок на возила. Тој закон го заменува Законот за акцизи, според кој акцизата се плаќаше според вредноста на возилата, а сега во формулата е вклучен и факторот на ЦО 2 емисиите. Тоа значи дека со овие мерки ќе се влијае на постапно заменување на возниот парк. Приходите од овие зголемени такси ќе одат во насока на зголемување на инвестициите за намалување на климатските промени, вели Петровска.

Во моментов МЖСПП работи и на изработка на Стратегија за климатска акција и закон за климатска акција – два меѓусебно поврзани документи кои ќе покажат на каков начин постапно ќе се имплементиртаат сите европски директиви за климатската акција. Веќе е објавена и Стратегијата за енергетика, прва зелена старегија во нашата земја, со неа по прв пат и во регионот едновремено се третирани аспектите на енергетика и клима.

Декарбонизацијата води кон подобра и поодржлива економија

Од трите предвидени сценарија – основно, умерено и зелено, прв пат произлегува дека користењето на јаглен во РЕК Битола, еден од големите учесници во вкупната емисија на стакленички гасови, веќе не е одржливо. Петровска појаснува дека со примена на мерките за контрола на емисиите и воспоставување на јаглеродна такса излегува дека пенетрацијата на обновливите извори и на гасот ќе значи многу поодржливо решение и постепено јагленот ќе се исфрла од употреба.

-Декарбонизацијата не значи оптоварување на економијата туку значи подобра, поодржлива економија и со новите технологии и со иновациите кои се многу значајни во делот на климата ќе имаме можност за генерирање на нови работни зелени места, вели Петровска.

Според неа, земјата е подготвена за воведување на јаглеродната такса, која како мерка се применува во земјите, особено во развиените земји, бидејќи вели, економските инструменти се еден вид алтернатива на командите, кои се дефинираат како забрани и се покажале како многу успешни.

-Мислам дека нашето општетство е подготвено за воспоставување јаглеродна такса за да даде стимулација на оние кои се вклучени во емитувањето на стакленичките гасови да преземат итни мерки, а истовремено да се приберат дополнителни средства кои што наменски ќе се искористат за мерки во делот на климатската акција, нагласи Петровска.

Примери од ЕУ – карбон таксите доведуваат до намалување на емисијата на штетни гасови

Во однос на карбон таксите, универзитетскиот професор и поранешен министер за финансии Никола Поповски, вели дека во ЕУ во 2017 година вкупно 370 милијарди евра се собрани од еколошки даноци или 2,4 проценти од нивниот БДП или 6,1 отсто од вкупните јавни приходи на 28-те земји членки на Унијата.

Ваквата политика на оданочување, вели дава резултат, а тоа го потврдуваат и податоците на Евростат, според кои, емисијата на гасови во ЕУ помеѓу 1990 и 2017 е намалена за 22 проценти или 1.240 милијарда тони еквивалент на ЦО2 .

На еколошка заштита, пак, ЕУ троши малку повеќе отколку што наплатува со еко даноците или 2-2,1 процент од БДП, односно околу 300 милијарди евра. За споредба, БДП на Македонија е 11 милијарди евра, а Европа одвојува наши 30 БДП-а за еколошка заштита.

Во Македонија во 2017 година, пак, додава Поповски, според расположивите податоци, еколошките даноци изнесуваат 180 милиони евра или 1,9 отсто од БДП, што е за 0,1 отсто повеќе во споредба со 2016 година и значи дека се повеќе оданочуваме.

Најголем дел или речиси 99 проценти од средствата се од даноци на енергенси и даноци на транспорт. Според Евростат, сепак Македонија ја зголемува емисијата на јаглеродни оксиди согласно податоците за периодот 2006-2012 година. Според нашиот Државен завод за статистика, во земјава нивото на емисија на стакленички гасови во 2014 е 70 проценти од оние во 1990 година што е напредок.

Едно од можните решенија за натамошно намалување на емисијата на стакленичките гасови Поповски гледа во предлогот на ММФ според кој јаглеродните даноци на понудата на производството се најмоќни и најефикасни, затоа што тие ќе им овозможат и на претпријатијата и на граѓаните по најниски трошоци да најдат алтернативен начин на задоволување на потребите од оние кои им ги нудат јаглеродните приозводи.

– Јаглеродно оданочување во светот денес од речиси 200 држави имаат само 46 држави…Македонија треба да го воведе ова оданочување затоа што користа на локално ниво од јаглеродно оданочување е доволна за да се оправдаат јаглеродните даноци и повисоките цени што треба да ги плаќаме. Што значи Македонија не смее да го избегне ова. Идните грин економии и грин општества што сакаме да ги постигнеме без исклучок треба да ги финансираат производителите и потрошувачите на јаглеродни оксиди – тој што ќе троши повеќе или ќе произведува повеќе ЦО2 тој ќе плаќа повеќе – дециден е Поповски.

Еколошките даноци наменски да се претворат во расходи за еколошка заштита

Во однос на тоа за што се трошат средствата собрани како еколошки такси во државата, Попоски појаснува дека даноците се најчесто ненаменски, (ги плаќаме а Собранието на предлог на Влада одлучува каде ќе се трошат).

-Би било добро да се ненаменски, но Владата да се грижи и нив и други ненаменски да ги претвори во расходи за еколошка заштита, рече Попоски коментирајќи ја најавата за воведување на оданочување на ЦО2 факторот кај возилата.

Прогнозите за климатски промени се дека до 2100 година температурата може да се зголеми до 6 степени. Со Договорот од Париз земјите потписнички меѓу кои и нашата земја (2017) се обврза дека ќе преземат акции и ќе ги намалат емисиите на стакленички гасови што ќе доведе до тоа темературата да не се зголеми повеќе од 2 степени.

Според климатските сценарија, средната годишна температура во земјава ќе се зголеми за 1.9 степени Целзиусови до 2050 и врнежите ќе се намалат за речиси 23 отсто до 2100 година.

Достапноста на населението до вода ќе биде ограничена, а сувите периоди и ненадејните поплави ќе бидат почести и повеќе изразени. Негативните ефекти на климатските промени ќе ги намалат приносите кај најголем дел од земјоделските култури и ќе ги зголемат ризиците врз здравјето на луѓето. Опасностите што ги носат климатските промени ќе предизвикаат проблеми во земјоделството, здравството, туризмот, биолошката разновидност…, иако штетните влијанија можат да се намалат со мерки кои дури создаваат нови зелени работни места.

Сепак, сериозноста на последиците ќе зависи од способноста на државата да се подготви и да се справи со климатските промени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот