„Меморија“ најави рок-спектакл во „Јане Сандански“ – култната приказна ќе се заокружи со документарец и нов студиски материјал
На 23 октомври, арената „Јане Сандански“ во Скопје ќе биде местото каде што една од најзначајните македонски рок приказни, групата „Меморија“, повторно ќе се сретне со својата публика. Концертот се најавува како вечер исполнета со емоции, ретроспектива на култните хитови, но и многу нови изненадувања.
Препорачано
За фронтменот Петар Георгиевски – Камиказа, овој настап носи симболика на заокружување на едно големо поглавје. Тој потсетува дека оваа година се одбележуваат 10 години од нивното последно собирање во 2016 година за манифестацијата „Златна Бубамара“.
„Сфативме дека многу сме пропуштиле што не сме свиреле сите овие години наназад“, изјави Георгиевски, евоцирајќи спомени за децениската пауза на бендот.

Целата приказна околу бендот добива и дополнителна аудиовизуелна димензија преку документарен серијал од 12 епизоди, во продукција на КЛС и Македонската радио-телевизија. Специјален гостин и наратор на серијалот ќе биде легендарниот Игор Џамбазов, кој на концертот во октомври ќе ја изведе култната песна „Хотел Македонија“.
Камиказа објаснува дека серијалот нема да биде само за нив, туку за целата сцена:
„Во првите една до две епизоди ќе се посветиме на почетоците на македонскиот рокенрол до 80-тите години. Потоа следат нашите колеги кои оставиле траен белег, но со годините ги зафатила малку ’прашина‘“.

Во подготовките на овој проект учествува и режисерот Александар Чоланчевски. Тимот признава дека најголем предизвик е како да се селектира огромниот архивски материјал.
„Ќе се потрудиме да бидеме концизни. Првично мислевме дека нема да има доволно материјал, а сега имаме проблем како сето тоа да го склопиме во едно“.

Што се однесува до концертот, тие најавија многу изненадувања и гости кои дополнително ќе ја направат вечерта незаборавна. За крај, открија дека бендот активно работи и на нов албум во соработка со тапанарот Вите Димовски. Се подготвуваат три нови композиции, а процесот продолжува со силна меѓусебна поддршка на членовите, особено по тешките здравствени предизвици со кои се соочи дел од тимот.
Концертот на 23 октомври во „Јане Сандански“ е повеќе од музички настан, тоа е средба на генерации и потврда дека македонскиот рок сè уште има што да каже.





