Мелони апелира до хуманитарната флотила што носи помош за Газа да се повлече
Италијанската премиерка Џорџа Мелони упати апел до меѓународната флотила што се обидува да достави хуманитарна помош во Газа веднаш да ја прекине својата мисија.
Препорачано
Таа предупреди дека упорноста во конфронтацијата со Израел може да ја загрози „кревката рамнотежа“ која би можела да доведе до мир врз основа на планот на американскиот претседател Доналд Трамп, пренесе Ројтерс.
– Многумина би биле среќни да го нарушат тој план. Се плашам дека обидот на флотилата да ја пробие израелската поморска блокада би можел да послужи како изговор за тоа. И затоа верувам дека флотилата треба да се запре сега – изјави Мелони.
Италијанското Министерство за одбрана објави дека морнарицата ќе ја придружува флотилата само до оддалеченост од 278 километри од брегот на Газа. Од таму, италијанската фрегата ќе ја контактира преку радио и ќе им понуди на патниците можност да го напуштат бродот и да се вратат на копно пред да стигнат до „критичната зона“.
Глобалната флотила „Сумуд“ соопшти дека повеќе од 40 цивилни бродови со пратеници, адвокати и активисти, меѓу кои и шведската климатска активистка Грета Тунберг, ќе продолжат кон Газа со цел да ја пробијат израелската блокада на палестинската енклава.


