Медицинските сестри бараат Закон за сестринската дејност

Скопје, 3 јуни 2020 / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Додека не се донесе законот ќе имаме проблеми. Не се ограничени одговорностите каде почнува одговорноста на сестра со средна стручна спрема, а каде на таа со високо образование. Па се случува да навлегуваме и во делот на докторски интервенции. На времето имаше четири сестри на еден доктор, а сега имаме четири доктори и една сестра, вели претседателката на Унијата на здруженија на медицински сестри.

Унијата на здруженија на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри следната недела чека прием кај министерот за здравство Венко Филипче за да ги изложи проблемите со кои се соочуваат и кои доведуваат до откази и незадоволство кај овој кадар.

Претседателката на Унијата, Горданка Бешлиовска, тврди дека основното решение е да се донесе закон за дејноста на сестринската професија со кој точно ќе се дефинира кои се задачите, компетенциите и одговорностите на медицинските сестри. Проблемите се децениски и системски и воопшто не се однесуваат само на доходите на сестрите, туку и на други длабински проблеми. На пример, Бешлиовска прашува што со оние сестри кои остануваат на улица од концесионерските амбуланти.

– Ние немаме зададени компетенции и задачи, ниту можеме да си ја одредиме одговорноста и како фела сме маргинализирани и оставени сме на милост и на немилост на политиките на менаџерите во здравствените институции. Ако не беше пандемијата, ќе имаше уште поголем дефицит на медицинските сестри, се поголем дел од нив ќе заминуваа. Кога ќе заврши пандемијата голема е бројката на медицински сестри кои се подготвуваат да заминат. Имаме сестри кои полагаат разни завршни испити за јазици, полагаат во Србија и ќе заминат по пандемијата. Основната причина е нерегулирање на дејноста на професијата. Има комплетно незадоволство во целата фела, вели Бешлиовска.

Таа за ,,Слободен печат” тврди дека не само трите медицински сестри од Инфективната клиника, туку во изминатиот период откази си дале и сестри од хируршката клиника и од други одделенија. Глобално, но и во Македонија, наместо потребните 14.000 медицински сестри, има само 7.500.

– Секоја една сестра е важна. Што со тие кои остануваат на улица од концесионерските амбуланти? Сестрите не се потребни само за време на пандемија, туку постојано. Проблемот е немањето дефиниција на тоа што е нашата професија и од тука потекнуваат сите незадоволства и децениски нерешени проблеми. Сестрите мора да станат единствени, без поделби и да се изнајдат најпрофесионалните начини за системски решенија. Проблемот не се решава преку индивидуални случаи, туку опширно. Нас униформата не задолжува до небо, зашто во нас пациентите гледаат спас и ни даваат доверба. Нашата професија е племенита која мора да ја доживееме за да ја живееме. Оттука, сметам дека е мошне важно да се донесе Закон за сестринската дејност со кој не целиме само на покачување на платите, туку на соодветно распределување на одговорностите.

Додека не се донесе законот ќе имаме проблеми, но нема да имаме компаративно на што да се потпреме, кои ни се правата и обврските. Не се ограничени одговорностите каде почнува одговорноста на сестра со средна стручна спрема, а каде на таа со високо образование. Па се случува да навлегуваме и во делот на докторски интервенции. На времето имаше четири сестри на еден доктор, а сега имаме четири доктори и една сестра, додава претседателката на Унијата.

Сите земји од регионот како и оние од Европската Унија имаат закони во кои е дефинирана сестринската дејност. Во Македонија дефиниција има само во два члена каде е наведено дека сестрата може да има средно и високо образование.

Унијата бара од Министерството за здравство да се формираат работни групи и да се создаде можност да се развива законот за сестринска дејност.

– Мора да имаме сектор за сестринство во Министерството за здравство. Вака имаме чувство дека сме на маргините. Не ни е целта да отвораме фронтови со министри, туку сакаме некој да покаже добра волја и да го направиме законот заедно, ни рече Бешлиовска.

Индивидуалните проблеми на сестрите се многубројни, се соочуваат со притисоци, нерешени проблеми со образованието односно неговото признавање во болниците, имаат специјализации што подоцна не им се признаени зашто ги нема во систематизациите на болниците, но без закон се оставени на ветрометрина.

– Имаме поединечни договори и систематизации и секој е различно третиран во секоја институција и секој гледа некако да си направи придобивка за себе и тоа ја иритира околината. Има некои што сакаат да ги отворат пандорините кутии и преку фронтови и расправии со докторите да дојдат до своите права. Но, не може тоа така. Ние сме носители на здравствената нега и бараме тоа да биде дефинирано. Нашите интервенции не се дефинирани ниту во завршните сметки за фактурирање кон Фондот за здравствено осигурување, посочи Бешлиовска.

Откако три сестри од Инфективната клиника меѓу кои и главната која таму работела речиси 3 децении си дадоа отказ, фокусот на јавноста падна врз нивните барања. Сестрите на Инфективна клиника се пожалија дека нивната работна позиција е деградирана.

Министерот за здравство, доктор Венко Филипче не се согласува дека сестрите се деградирани.

– Всушност нашите инвестиции тоа го демантираат. Свесни колку се битни во нашиот систем помогнавме во формирање за првпат во нашата земја на Комората на медицински сестри која почна со активности да се направи регистар, а после тоа и лиценцирање на сите медицински сестри кои работат во нашата земја. Помогнавме и со опремување на тие простории. За жал со кризата активностите спласнаа, рече Филипче.

Светската здравствена организација на почетокот на годинава соопшти дека медицинските сестри сочинуваат половина од севкупниот медицински кадар во светот, алармирајќи дека има глобален дефицит од оваа категорија медицински лица. За да се надмине овој проблем, според СЗО до 2030 година ќе бидат потребни 9 милиони нови сестри.

Овој медицински кадар игра клучна улога во промоцијата на здравјето, превенцијата на болести и пружањето примарна нега. Тие даваат нега во итни ситуации, а постигнувањето на високи нивоа на квалитет во јавното здравство за сите граѓани, ќе зависи директно од тоа да има добро обучени, регулирани и поддржани од владите сестри чија плата и признание ќе биде правопропорционално на жртвата и трудот што го вложуваат секојдневно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот