Мециновиќ за откривањето на неговиот матичен број: Страшна злоупотреба и кривично дело
„На овие избори се случи, мислам, преседан кој никогаш не се случил досега. Во моментот кога јавноста сосема ги имаше вперено своите очи во два кандидати, да бидеме реални, цела Македонија гледаше кон трката за Скопје – кога бевме јас и Орце Ѓорѓиевски најрелевантни во јавниот дискурс, мене ми беше обелоденет ЕМБГ, што е длабоко класифициран податок за нашите граѓани и тоа е нешто што не се случило досега. Тоа е страшна злоупотреба и е кривично дело. И тоа не само што е кривично дело, туку е во отежнети околности”, изјави денеска кандидатот за градоначалник од Левица за Град Скопје, Амар Мециновиќ.
Препорачано
„Мене, навистина, ова ништо не ми значи, но мислам дека треба на сите нас да ни значи. Утре истото може да ви го направи некој друг и вам”, додаде Мециновиќ.
На новинарско прашање дали смета дека институции работеле во корист на неговиот противкандидат, тој даде дополнително образложение:
„Која институција се обиде да превенира таква ситуација? Која институција изреагира откако се случи таква ситуација? Ова е прашање на човекови права. Ова е прашање на правата кои ги имаме ние пред државата. Ова е прашање на тоа дека имаме неморална, неетичка, социопатска политика која живееме триесет години. Ние живееме во социопатска политичка култура, која се наметнува. И го нагласувам за сите нас, а не за мене индивидуално. Освен инцидентот со ЕМБГ, имаме уште низа измислици, шпекулации, напади по интегритет, напади по семејство, по луѓе кои не беа инволвирани во оваа кампања. Сето тоа ќе биде пропратено со тужби и со кривични пријави, така што тоа е нешто што ќе го правиме од понеделник. Сега засега е нешто што го искомунициравме и со ОБСЕ и со меѓународни инстанции, така што тоа се случи, но е само наш дополнителен поттик”.


