Мбапе ја отвори душата: На луѓето во ПСЖ уште во јули им најавив дека си заминувам

Мбапе ја отвори душата во интервју за Радио Монте Карло/ фото: EPA-EFE/David Ramos

Напаѓачот на ПСЖ, Килијан Мбапе кој беше во центарот на вниманието во финишот од летниот преоден бидејќи Реал Мадрид се обиде да го донесе на „Сантијаго Бенабеу“, но не успеа бидејќи францускиот тим ги одби понудите.

Челниците на ПСЖ објавија дека Реал Мадрид постапил нефер бидејќи во последните денови од преодниот рок доставил понуда за Мбапе поради што немале доволно време да најдат негова замена.

Спортскиот директор на ПСЖ, Леонардо, потоа изјави дека тие ја одбиле понудата бидејќи се надеваат оти ќе успеат да убедат Мбапе да потпише нов договор и да игра заедно со Нејмар и Лионел Меси.

Сега, еден месец подоцна самиот Килијан Мбапе ја отвори душата во интервју за Радио Монте Карло и зборуваше на сите теми, но најголем интерес предизвикаа неговите зборови за пропаднатиот трансфер во Реал Мадрид.

Барав да си заминам. Од моментот кога одлучив дека нема да го продолжам договорот, тоа им го соопштив на челниците на клубот за да имаат време да пронајдат адекватна замена – зборува Мбапе за Радио Монте Карло.

– Тоа е клуб кој ми даде многу, секогаш бев среќен, поминав четири години тука и сè уште сум тука. Им најавив доволно рано за клубот да може да ги разгледа сите опции и да најде адекватна замена. Сакав тоа да го направиме како возрасни луѓе, сите да бидат задоволни. Им реков дека доколку не сакаат да одам, дека ќе останам уште оваа сезона – додава Мбапе.

Францускиот репрезентативец откри дека не е вистина оти одбил голем број на понуди од ПСЖ.
– Луѓето зборуваат дека сум одбил шест или седум понуди за продолжување на договорот, дека не сакам да разговарам со Леонардо. Тоа се невистини. Мојот став беше јасен, им реков дека сакам да си одам и тоа им го кажав на време. Искрено, не сум фан на тоа што се случуваше последната недела во август. Јас им реков кон крајот на јули дека заминувам – вели Мбапе.

Радио Монте Карло најави дека во наредните денови ќе објави нови делови од интервјуто, а кои се однесуваат за доаѓањето на Лионел Меси во ПСЖ како и за други работи.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот