Матура во ковид услови – Измени во проектната задача, нови изборни предмети, средношколците со две барања до МОН
Покрај коронакризата и барањата на средношколците за одложување на полагањето на државна матура за оваа година, сепак се чини дека тоа нема да се случи, па матурантите и овојпат ќе ја поминат редовната процедура на полагање пред да се запишат на факултет.
Препорачано
До крајот на оваа година, односно до 31 декември, матурантите треба да пријават дали ќе полагаат државна, училишна матура или завршен испит.
Учениците кои ќе одберат да полагаат државна матура, потребно ќе биде до наведениот датум да ги посочат и предметите кои ги избрале.
Од 29 мај до 14 јуни ќе се полагаат екстерните предмети
Од 29 мај до 14 јуни ќе се полагаат екстерните предмети кои се дел од државната матура, која пак е услов за упис на факултет. Листата со изборни предмети за третиот екстерен испит е проширена со уште два – информатика и географија.
„Држaвниот испитен центар информира дека годинава поради пандемијата со Ковид-19, испитниот материјал за екстерните испити од државната матура ќе се подготвува според испитните програми, но при тоа ќе се земат предвид скратените наставни програми“, се вели во соопштението на ДИЦ.
До крајот на оваа година матурантите ќе треба да пријават каква матура ќе полагаат – дали државна, училишна или завршен испит. Оние што ќе се одлучат за државната матура треба да ги наведат и предметите што ќе ги полагаат.
Сите матуранти задолжително треба да полагаат мајчин јазик. Вториот предмет е избор помеѓу странски јазик (5 јуни) и математика (14 јуни). На 11 јуни ќе се полага третиот екстерен испит за кој матурантите може да избираат од 10 предмети – естетика, филозофија, хемија, физика, биологија, историја, социологија, бизнис и за првпат – информатика и географија.
Државниот испитен центар веќе има формирано комисии кои ќе ги прават прашањата за испитите од новите два изборни предмета. За да биде во листата со матурски испити, потребно е одреден предмет да се слуша најмалку две години со одреден фонд часови, а информатиката е воведена на барање на учениците, бидејќи им е неопходна при запишување на некој од техничките факултети.
Проектната задача треба да биде истражувачки труд
Проектната задача и оваа година ќе биде составен дел од полагањето на матурата, со тоа што матурантите имаа задолжение темата за предмет по слободен избор за проектна задача да ја пријават до 30 ноември.
Според правилникот за полагање и оценување на резултатите на учениците, темата за проектната треба да биде конечна и внесена во пријавата/апликацијата, која кандидатот треба да ја поднесе до 31 декември 2020 во училиштето, заедно со наведените екстерни испити што ќе ги полага во јунската испитна сесија.
Она што е новина, а се однесува на проектната задача која треба да ја предадат матурантите, всушност е тоа што таа сега треба да содржи дополнителен истражувачки дел, односно ќе треба да предадат проект, наместо да пишуваат класичен есеј, како што беше случај досега.
Средношколците бараат намалување на бројот на предмети
По денешната средба со министерката Мила Царовска, лидерот на средношколскиот сојуз, Бленди Ходаи на пресконференција за медиумите истакна дека тие имаат две барања до МОН, од кои едното е намалување на бројот на предмети за полагање на државна матура, односно наместо четири оваа година да се полагаат два предмети.
– Успеавме да најдеме компромис за второто барање, односно за материјалот што се учеше во трета и четврта година кога започна кризата. На државната матура ќе има многу едноставни прашања, што ќе биде олеснително за средношколците – рече Ходаи.
Сепак, во однос на второто барање за намалување на бројот на предмети, Ходаи истакна дека средношколците нема да отстапат и ќе бараат и тоа да се реализира на крајот од оваа учебна година, иако засега немаат постигнат договор со МОН.


