Матијашевиќ пред ЕП: Со лош прием, не можеме да организираме напад!

Со Швеѓаните во „Кале“ во петокот победивме, а во неделата загубивме, во натпревари исполнети со по пет сета, а селекторот Никола Матијашевиќ заклучува дека треба уште многу елементи да се подобрат за да играме на посакуваното ниво пред дебитантскиот настап на Европското првенство.

– Не сум задоволен со квалитетот на играта против Шведска. Имавме лош прием, тие доминираа во сервисот и тоа не смее да ни се случува. Наш најсилен елемент е нападот, а доколку немаме добар прием не можеме да организираме напад, немаме прво темпо, едноставно не можеме да играме. Јас дури мислев дека ќе биде полошо на вториот натпревар со оглед на отсуството на капитенот, но блокот беше подобар, па бевме рамноправни – рече Матијашевиќ.

фото: ОФМ

Одбојкарите утрово тренираа во сала за кревање товар, а попладне ќе работат со топка, но Матијашевиќ се уште има дилеми како да ги дозира подготовките, затоа што некои играчи се уште се жалат на повреди.

– Никола Ѓорѓиев е во ред, саниран е отокот на квадрицепсот поради којшто не играше на втората контрола со Швеѓаните, но либерото Дарко Ангеловски има стомачен вирус. Претходно со таков проблем се соочи Васе Михаилов, а Филип Маџунков се жали и на коленото и на рамото, но болките не беа од таква природа за да одмора против Шведска – додаде селекторот.

До Европското првенство во Франција, Холандија, Белгија и во Словенија има уште 15 дена, а покрај тренажниот процес, најавени се нови контролни мечеви.

В петок и в сабота во салата „Кале“ во Скопје ќе биде одржан традиционалниот 43-ти турнир „Бранко Хаџииљоски Чајка“ на којшто гости ќе ни бидат Белгија, Бугарија и Украина. Во полуфиналето в петок, од 17.30 часот македонскиот национален состав ќе игра со Украина, а од 20.15 ќе се сретнат Бугарија и Белгија.

Потоа, на 6 и 7 септември ќе и гостуваме на Австрија во Сент Полтен, а на 12 во арената „Стожице“ во Љубљана (Словенија) ќе го одиграме првиот натпревар на Европското првенство, а противник ќе ни биде Финска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот