Мартин Мирчевски му се придружи на Матеј Цветановски во Железничар: Навивачите од мене може да очекуваат голови
Македонскиот фудбалер Мартин Мирчевски му се придружи на Матеј Цветановски и кариерата ја продолжува во босанското фудбалско првенство во тимот на Железничар.
Препорачано
Во редовите на Железничар Мирчевски пристигнува од ТСЦ Бачка Топола и потпиша договор на една година со можност за продолжување на уште една.
„Првите впечатоци се феноменални, слушнав многу за клубот и чест ми е што дојдов во клуб кој има добри навивачи и се надевам дека ќе бидеме во горниот дел од табелата оваа сезона. Работев во текот на паузата, секогаш сум спремен“, изјави Мирчевски.
Не крие и дека е среќен што во клубот ќе се сретне со Цветановски кој претходно потпиша за клубот од БиХ.
„Се знаеме со Матеј и навистина ќе ми помогна, кога доаѓате во друга држава, добро е да имате некој свој. Навивачите од мене може да очекуваат голови, асистенции, добра игра, желба за победа и борба за тимот“, изјави Мирчевски.
Претходно, Мирчевски во кариерата играше за Вардар и Академија Пандев, а за македонската репрезентација запиша еден настап.


