Контроверзните правосудни реформи на Вучиќ ќе ја чинат Србија 1,5 милијарди евра
Комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, на сослушување во Европскиот парламент за надворешни работи, денеска ќе соопшти дека Европската Унија замрзнува 1,5 милијарди евра наменети за Србија поради контроверзните реформи во правосудството што Белград ги усвои во јануари, пишува Нова.рс.
Препорачано
Се очекува комесарката Кос да нагласи дека Белград нема да добие ниту цент од ЕУ грантовите наменети за усогласување со Унијата сè додека Венецијанската комисија на Советот на Европа не објави мислење за српските реформи, што се очекува до крајот на овој месец.
Србија претходно вети дека ќе ги прифати препораките на Венецијанската комисија, кои може да вклучуваат измена или укинување на спорните закони.
Комесарката Кос бара Србија да ги усогласи своите закони за правосудството со тие препораки.
Трпението на ЕУ кон Србија во последните месеци значително опадна поради предупредувањата за демократско назадување и анти-ЕУ наратив во Белград, додека Србија истовремено одржува блиски врски со Русија.
Бриселски Политико пред една недела веќе пишуваше дека Србија се соочува со губење на фондовите од ЕУ. Иако Србија не е членка на ЕУ, од почетокот на преговорите за пристапување во 2014 година, земјата има право на средства и грантови наменети за спроведување на реформите.
„Сè повеќе сме загрижени за тоа што се случува во Србија“, изјави за Политико комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос.
„Од закони што ја поткопуваат независноста на судството до потиснување на протестите и постојано мешање во независните медиуми. Комисијата проценува дали земјата сè уште ги исполнува условите за исплаќања од финансиските инструменти на ЕУ“, рече Кос.


