Маричиќ за прочистување на судството: Досега се разрешени 10 судии, се водат постапки против стотина

Бојан Маричиќ, новиот Министер за правда / Скопје, 26 август 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Процесот на враќање на довербата во судството или процес на прочистување на судството дава веќе конкретни резултати. Од 2019 година, од кога се донесени законите и откако стапиле во сила, веќе имаме 10 разрешени судии врз основа на оценката на Судскиот совет кој утврдил дека постапувале нестручно и несовесно, рече попладнево министерот за правда Бојан Маричиќ одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието.

– Европската комисија со години ни забележуваше дека основите за избор и за разрешување на судиите не се доволно прецизни, дека се користат за пресметка со политичките неистомисленици од минатата власт и сето тоа доведе до конкретизација на законите и подзаконските акти за веќе тоа да го нема, да имаме јасни критериуми по кои самиот Судски совет и Обвинителството ќе го ценат квалитетот и стандардите во својата фела, рече Маричиќ.

Министерот за правда информира дека во 2020 година веќе има отворено постапки за стотина судии.

– Тоа е голема работа и сметаме дека тоа етапно ќе ја враќа довербата во судството и етапно ќе ја подобрува и ефикасноста на системот, но и квалитетот на правдата, нагласи Маричиќ.

Токму овој процес, вели тој, веќе дава нов квалитет и динамика во судството.

– Должни сме да ја почитуваме уставната поделба на власта која е уставно загарантирана и која сите нè обврзува. Она што е најважно и за граѓаните дека повеќе нема наши и ваши, ниту во судството, ниту во обвинителството. Целта на процесот е токму тоа, рече Маричиќ.

Посочи дека јавноста треба конечно да слушне зошто одредени судски предмети, процеси или одредена група предмети со години биле занемарувани од некоја причина, дел застарени, дел пред застарување, а во дел од нив било погрешно одлучено.

– Правдата во таа смисла треба да биде и мора да биде навремена. Не смееме да дозволиме веќе трупање на предмети и проблеми кои кога-тогаш излегуваат на површина. Ова е сложен процес, но она што ме охрабрува мене е тоа што добивме поддршка за овие процеси и од меѓународната заедница. Важно е на овој процес да биде дадена шанса и да се даде поддршка, заклучи Маричиќ.

Додаде дека мониторингот од страна на ЕУ на случаи на висока корупција, кој е проект поддржан од ЕУ, спроведуван од ОБСЕ, оваа година ќе се спроведува и веќе е во подготвителна фаза на регрутација на набљудувачите под меѓународен надзор.

– Тоа треба да ја зајакне одговорноста и ефикасноста на постапувањето по предметите, но и довербата на јавноста, потенцира Маричиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот