Мараја Кери на доделувањето на „Ем-ти-ви“ видео музичките награди / Фото: John Angelillo / UPI / Profimedia

Мараја Кери ќе пее и на италијански на отворањето на Зимските олимписки игри

Мараја Кери е една од главните изведувачи на церемонијата на отворањето на Зимските олимписки игри годинава. Отворањето ќе се одржи за неколку недели, на 6 февруари, а 56-годишната ѕвезда ќе настапи на стадионот Сан Сиро во Милано, пишува порталот „Унилад“.

Кери ќе биде дел од церемонијата која ќе трае два и пол часа, а според зборовите на италијанскиот креативен директор Марко Баилич, на настанот ќе се слави Милано и влијанието на Италија врз светската мода и дизајн.

Со оглед на фокусот на италијанската култура, Кери се согласила на „храбар“ музички потег, рече Баилич на прес-конференција.

„Кога ги повикуваме изведувачите, особено музичарите, не сакаме тие само да дојдат да промовираат сингл или нов албум“, објасни тој. Додаде дека сака меѓународните ѕвезди „да отпеат нешто што се вклопува во приказната и има смисла во контекст на церемонијата“.

Затоа Кери, иако обично пее на англиски, ќе отпее цела песна на италијански. За Италијанците кои ќе го исполнат Сан Сиро (капацитет околу 76.000 места) или ќе го следат преносот на телевизија, Баилич го смета нејзиниот настап за момент на национална гордост – „шлаг на тортата“ на целата вечер.

Баилич не откри за која песна станува збор, но рече дека ќе биде „многу позната песна“ која треба да создаде силен емотивен момент за публиката.

„Многу сум благодарен на Мараја Кери“, рече тој. „Со голем ентузијазам се согласи да отпее цела песна на италијански, а тоа воопшто не е лесно.“ Додаде дека тоа ќе биде „многу, многу храбро“.

Иако ваков потег може да изгледа необично за американска поп-пејачка, Кери порано изјавила дека нејзината мајка често вежбала германски и италијански опери дома. Пејачката рече дека честопати ѝ се приклучувала затоа што имала „слух за тоа“.

На списокот на изведувачи ќе биде и познатиот италијански тенор Андреа Бочели, кој ќе изведе ариите на најголемите италијански композитори. Иако Баилич истакна дека Кери ќе „очара“, на прес-конференцијата сепак потсети дека „вистинските ѕвезди на церемонијата се спортистите“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот