Манифестацијата „Смилевски конгрес“ создава услови за жива средба меѓу уметниците, местото и публиката
Културната манифестација „Смилевски конгрес“, што ќе се одржи на 1 и 2 мај во селото Смилево, со своето трето издание го поставува прашањето за заедницата како реален, творечки и јавен чин.
Препорачано
Во време на расцепканост, симулирана комуникација и псевдоиндивидуализам, оваа манифестација не нуди носталгија, туку позиција: дека автентичната уметност не настанува во изолација, туку во однос, во судир, во соработка и присуство на Другиот.
Селото Смилево нема само историска заднина, туку јадро на значење. Културната меморија на „Смилевскиот конгрес“ не се третира како музејски остаток, туку како отворена можност повторно да се промисли соборот – не како протокол, туку како одговорност; не како форма, туку како заедничко делание. Оттука, манифестацијата не го повторува минатото, туку го активира како прашање упатено до сегашноста: дали денес сè уште сме способни за заедница?
Програмата ја разбира уметноста како простор во кој различни гласови не се поништуваат, туку се артикулираат во заедничко поле на значење. Преку изложби во настанување, трансбалканска уметничка инсталација, концерти и импровизирани музички средби, „Смилевски конгрес“ создава услови за жива средба меѓу уметниците, местото и публиката. Тоа е обид културата повторно да се врати таму каде што ѝ е местото: во заедничкиот простор, меѓу луѓето.
Во фокусот се колективната инсталација „Песната на славејот“, музичката програма со „Чалгија саунд систем“, „Брас брадерс“, „Летечки пекинезери“, „Мојра“ и „Дејание“, како и двете изложби во настанување „Интуитивни клепања“ и „Последните селани“ со учесниците Емилија Сандиќ, Сашо Алушевски и Предраг Узелац.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 330, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26.4.2026)


