Манасков го продолжи договорот со Веспрем
Ракометарите на Веспрем се наградени поради нивните добри перформанси, а меѓу нив е и Дејан Манасков кој одлучи да ја продолжи соработката со унгарскиот гигант.
Препорачано
Македонскиот репрезентативец (кој ја игра третата сезона во Веспрем) потпиша нов договор и ќе остане до јуни 2022 година. Оваа сезона досега во ЛШ има реализирано 12 голови, најмногу пет во триумфот над Мотор Запорожје.
Како што официјално објавуваат од унгарскиот ракометен клуб, Манасков заедно со Гаспер Маргуч и Петар Ненадиќ ќе останат уште две години, односно до јуни 2022. Нашето десно крило (поранешен играч на Вардар и Металург) наредниот месец на репрезентативен план го очекува настапот на Европското првенство 2020.
Веспрем игра одлично, а тоа го покажа во СЦ „Јане Сандански“ – Скопје каде што на 1. декември го совлада актуелниот европски шампион Вардар убедливо со 29:38.
После 10. кола во групата „Б“ моментно се наоѓа на второто место со 14 бодови и секако и сезонава е кандидат за учество на завршниот Ф4 турнир во Келн.
Воедно Веспрем објави и дека нивни голман ќе биде Родриго Коралес, шпанскиот репрезентативец и досегашен член на ПСЖ со договор на четири години.


