МАМАВИЗИЈА | Драгана Младеновска: Еден ден пред да се породам, и во двете бремености, бев на тренинг
Пилатес-инструкторката Драгана Младеносвка е 34-годишна мајка на две ќеркички. Таа е позната по својата креативност и транспарентност на Инстаграм, делејќи совети и мотивирајќи на здрав начин на живот. Младеновска со своите стручни познавања како фармацевт и магистер по диететика и диетотерапија им пркоси на одредени непишани правила околу исхраната, а во нејзните објави ги опфаќа и трудниците и доилките.
Препорачано
– Интензивно вежбам од моите тинејџерски денови. Јас не можам да си го замислам животот без тренинг. Кога дознав дека сум трудна, продолжив да вежбам. Одев на редовни контроли и си реков, ќе си продолжам да го живеам животот како и досега. Еднаш ми се случи една непријатна ситуација, пркрвавев за време на тренингот, многу се исплашив, почнаа да ми се мотаат мисли дека погрешив што вежбав, што ако му наштетам на плодот…. Со сопругот отидовме на лекар за докторот да констатира дека не е ништо страшно, туку дека пукнал капилар. Многу се израдував кога ми кажа дека по неколку дена пауза можам да продолжам да вежбам. Така и направив, вежбав буквално до последен ден од бременоста – вели Младеновска.
Храбра трудница
И со втората бременост Младеновска била храбра трудница. Не се откажувала од редовните вежби до последен момент.
– Одев на преглед во „Систина“, а тогаш држев часови во салата „Борис Трајковски“ и бидејќи се блиску, прво отидов на преглед, па си реков, ќе продолжам на час. Докторот ме гледа и ми вика: „Jас не би чекал ни една минута повеќе, мораме да закажеме итен царски рез. Резот претходен е премногу истенчен на едната страна, дури, буквално, како да ќе се скине, затоа што бебето е преголемо за твојата димензија, јас не би ризикувал ни минутка.“ Јас му одговорив дека не можам да го откажам тренингот во последен момент, ме чекаат луѓето. Тогаш ми рече да одам да ми земат крв, ми дозволи да вежбам и ми закажа породување за следниот ден. Отидов и го одржав часот, и пак, како да е последен на светот – се присетува таа.
Специфично за двете бремености кај неа било тоа што и двете бебиња биле свртени карлично со главата горе, поради што не можела да се породи природно.
– И во првата и во втората бременост до последен момент не можев да го прифатам фактот дека ќе треба да се породам со царски рез. Направив сè што беше во моја моќ за да го свртам бебето, правев специјални вежби, ако ви се верува, буквално стоев на глава. Но, за жал и во двете бремености немав среќа да се породам природно. Сешак најважно е да останат мајката и бебето живи и здрави – рече таа.
Младеновска е храбра жена која од свои 25 години води бизнис – фитнес-студио „Фитлајф“(Fitlaife).
– Бев вработена како фармацевт непосредно по диполомирањето, но не се чувствував своја на своето. Парарелно бев и пилатес-инструктор, забележував дека тој дел ме исполнува многу, чувствував дека вежбачките ме сакаат и ми веруваат. Одлучив да дадам отказ и да ја насочам целокупната енергија на вежбањето. Беше ризик, но вредеше. Истиот месец кога дадов отказ од работа, останав и трудна – рече нашата соговорничка.
Гледајте „Мамавизија“ на јутјуб-каналот на „Слободен печат“. Водител и автор е Александра Вуксановиќ.


