Малешевиќ: Одиме на триумф против ТФТ, паузата беше добредојдена
Заврши репрезентативната пауза, а кошаркарите на Пелистер им се враќаат на обврските во македонската Супер-лига, каде моментно се наоѓаат на второто место на табелата.
Препорачано
Календарот вели дека прв ривал на Пелистер по паузата ќе биде ТФТ в сабота (6 декември, 19.00 часот), тим што моментно е лидер на табелата, мотив плус за „зелено-белите“ со добра игра и победа да ги потврдат високите амбиции за оваа сезона.
Играчот на битолската екипа, Никола Малешевиќ е свесен дека пред Пелистер нема да биде нималку лесна задача, но верува дека овој тим ќе се прикаже во добро светло и ќе стигне до посакуваниот триумф:
– Пред нас е тежок дуел против лидерот на табелата, вистинско дерби кое е мотив плус за сите во Пелистер. ТФТ е тим што е добро покриен на сите позиции, играат квалитетна и брза кошарка сезонава. Ние сме во серија на не така добри резултати, но паузата од две недели ни беше добредојдена, имавме време да се регенерираме и максимално да се подготвиме за овој дуел. Очекувам добра кошарка од двете страни и се надевам на наша победа на крајот – истакнува Малешевиќ, кој и сезонава е еден од клучните играчи во „зелено-белиот“ табор.
На табелата Пелистер е второпласиран со 14 бодови, еден помалку од водечкиот ТФТ.


