Македонските мајстори сѐ помалку градат во странство

Пад и на договорените, но и на извршените градежни работи на македонските компании во странство, регистрира Државниот завод за статистика за првите шест месеци од годинава. Вкупно биле договорени градежни работи за 192.404 илјади денари, што е за 16,1 проценти помалку во споредба со лани, а во наведениот период, македонската градежна оператива во странство извршила само една третина од договорените зделки во вкупна вредност од 53 576 илјади денари. Германија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Бугарија се земјите во кои и покрај пандемијата, граделе македонските мајстори.

– Имаме компании што се докажани во реализацијата на сериозни инфраструктурни проекти во земјите од регионот, но и пошироко и може самостојно да настапуваат на странските пазари,  но кај високоградбата, извршените градежни работи повеќе се сведуваат на користење на работната сила. Станува збор за многу мал број компании, кои во моментот се присутни на странскиот пазар, претежно во Германија и Босна и Херцеговина – појаснуваат од СКМ.

Условите за добивањето работа во странство зависат од тендерските документации, но се потребни и референци, квалификуван кадар, како и можноста за заеднички настап на компаниите на странскиот пазар. Упатените во проблематиката посочуваат дека нашите градежни компании најчесто работат на пазарите од поранешните југословенски земји, кои на некој начин се и наши традиционални пазари. Главна причина поради која градежните компании сѐ помалку работат во странство се високите банкарски гаранции, дозволите за работа и други услови.

– Од друга страна, голем проблем е што веќе немаме ниту компетентни луѓе што имаат капацитет да истуркаат поголеми или посериозни проекти. Најголем дел од квалификуваниот работен кадар замина во странство, немаме веќе мајстори, а тоа им оневозможува на нашите компании да дојдат до работа – вели експертот за градежништво Никола Велковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот