Македонските кошаркарки поразени од Грција во квалификациите за Евробаскет 2027
Женската сениорска кошаркарска репрезентација на Македонија забележа пораз во вториот меч од квалификациите за Евробаскетот 2027 година. Вечерва во СРЦ „Кале“ во Скопје, подобра од нашата, беше репрезентацијата на Грција со 101:84.
Препорачано
Имавме одлични 10 минути, период во кој го имавме и водството. Грчките кошаркарки направија пресврт во втората четвртина, имаа плус поголем од 20 поени. Но нашите репрезентативки успеаја да се вратат, во последната четвртина, дојдоа и до минус од осум поени, но за малку им побегна уште еден изненадувачки, позитивен резултат во овој ноемвриски ФИБА „прозорец“ во кој за три дена, следува и првото гостување во Славонски Брод против селекцијата на Хрватска.
Првото наше водство беше 12:11 во четвртата минута, а по втората тројка на Стојановска, Македонија поведе и со 18:14, па 21:16. Но Грција успеа да го стигне тоа наше водство, и по 10 минути игра, резултатот беше 23:23. На почетокот на втората четвртина, гостинската селекција направи серија (10:2), доволно за да го преземе водството (33:25), и да го натера селекторот Ашаданов да побара „тајм-аут“, по нешто повеќе од две минути. Заиграа доста поагресивно грчките кошаркарки во тој дел до натпреварот, во кој извесно, имавме проблеми со реализацијата. Во првите пет минути од вториот период, имавме шест реализации, кога противникот, со помош на расположените Кристинаки и Спаноу се одвои на двоцифрени 40:29.

Уште поголеми проблеми имавме со личните грешки. За кратко време Матеа Николиќ седна на клупата поради пет лични грешки, а една помалку имаше и Кметовска уште пред крајот на првото полувреме во кое Грција се одвои на 57:39. Но, нашите најдобри кошаркарки немаа намера да се предадат. Напротив, со она што го имаме на располагање во овој момент, се обидоа да ја сведат негативата на достижна. Но пред себе имаа доста искусна екипа која знае да „го чува“ резултатот. Со серијата од 9:0 се доближивме на нешто пониски 59:74, но не и нешто повеќе од тоа во тој дел од натпреварот.
Слично беше и во последниот дел, Македонија намали на 71:85, кога останаа да се доиграат повеќе од шест минути. Бевме уште поблиску по новото поентирање на Митрашиновиќ (77:88), која влезе во својот препознатлив ритам. По тројката на Стојановска, бевме во негатива од само осум поени (82:90). Но кога беше најпотребно, Спаноу погоди за три, го сопре нашиот голем налет, за (93:82).
Капитенот Анџелика Митрашиновиќ го предводеше нашиот состав со 23 поени, имаше и десет асистенции, девет скока, но и четири украдени топки. Ново, одлично издание имаше и Илина Селцова, која додаде 19 поени (3/5 за три поени), додека Мерит Хемпе реализираше 16 поени, додаде и по четири скока, пет асистенции, и три освоени топки. додека Александра Стојановска го заврши натпреварот со 11 поени, а Кметовска дополни со 11 поени и седум скока.


