Македонската дипломатија на олтарот на партиските ситни интереси
Токму пополнетоста на ДКП-ата е еден од клучните услови за успешна надворешна политика во дадени околности кога се менуваат принципите во меѓународните односи и кога државата треба да се адаптира на новонастанатата ситуација, коментираат експерти за „Слободен печат“
„Лоша“, е најчестиот одговор на читателите на „Слободен печат“ на прашањето – „Како ја оценувате македонската надворешна политика?“. Експертите не се далеку од овој став, а причината, меѓу другото, ја гледаат и во немањето амбасадори во речиси половина од македонските Дипломатско-конзуларни претставништва (ДКП).
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во моментов, според информациите од Министерството за надворешни работи, Македонија има повеќе од 50 ДКП-а, а без амбасадори, односно шефови на ДКП-ата се 27. Амбасадори нема во амбасадите во Атина, Астана (Казахстан), Брисел, Будимпешта, Букурешт, Ватикан, Доха, Каиро, Киев, Копенхаген, Подгорица, Приштина, Прага, Сараево, Талин, Тирана, Токио, Њу Делхи, Хаг и во Стокхолм, во генералните конзулати во Мелбурн, во Тотова (САД) и во Солун, како и во Виена (Постојана мисија при меѓународни организации), во Брисел (Постојана делегација при НАТО), во Женева (Постојана мисија при ОН) и во Њујорк (Постојана мисија при ОН).
Соговорници на „Слободен печат“ коментираат дека токму пополнетоста на ДКП-ата е еден од клучните услови за успешна надворешна политика во дадени околности кога се менуваат принципите во меѓународните односи и кога државата треба да се адаптира на новонастанатата ситуација.
– Од една страна имаме состојба во која се менуваат трансатлантските односи, начинот на водење на надворешната политика на САД драстично се разликува од оној традиционален пристап, од друга страна се соочуваме со влијание на руско-украинската војна врз европската стабилност, безбедност, но и економија и секако тука се оние постојани предизвици на балканските држави, проширувањето на Европската Унија и улогата на НАТО, како и амбициите за влијание на други центри на моќ. Оттаму соодветното екипирање на македонските амбасади и конзулати и нивна континуирана активност е неопходно за заштита на нашите интереси пред сојузниците, но и за основно одржување на коректни билатерални односи со државите со кои што сакаме да соработуваме – вели поранешен дипломат.
Според истиот соговорник, при пополнувањето на амбасадите секогаш еден од предизвиците е политичкиот аспект, како и потребата за задоволување одредени партиски интереси. Тој, како што вели, сака да верува дека досегашното искуство со нарушување на соодветноста на избраните кандидати заради политички интереси е дел од лекциите што сме ги научиле. И владата и претседателката.
– Политичките партии треба да постигнат еден консензус во кој ќе се согласат дека клучна е професионалноста, способноста и знаењето на нашите дипломати, а не нивната политичка ориентација. За жал, во изминатите месеци гледаме дека непостоењето консензус за пополнување на ДКП-ата значи дека сѐ уште постојат амбиции за заштита на определени партиски интереси наместо на националните интереси – додава нашиот извор.
Арсовски: Голем проблем е партиското договарање
И дипломатот Љупчо Арсовски смета дека голем проблем е партиското договарање, а при пополнувањето на амбасадорските места, не е важно само праќањето туку и потенцијалот на „избраните“.
– Неопходна е кариерна, професионална дипломатија, а колку што гледаме сега нема соодветни кандидати, туку главно се партиски, без дипломатско искуство – вели Арсовски.
Според политикологот Џенур Исени, недостигот на амбасадори во повеќе од 20 дипломатски мисии не е само техничко или кадровско прашање, туку е директен одраз на начинот на кој се води надворешната политика и како таа се перципира како државен приоритет.
– Во дипломатијата континуитетот и присуството се важни исто како и политиката што се води, бидејќи празно место во амбасада значи и ослабен политички глас во меѓународните средини – коментира Исени за „Слободен печат“.
На прашањето како нè перципираат државите во кои немаме амбасадори подолго време, тој вели „се разбира дека тоа е празен имиџ“. Притоа додава дека „таа држава воопшто не креира добро мислење за нас бидејќи тоа покажува дека не сме зрели или немаме кадри за брзо да се прати човек да ни ја претставува државата или може да нè перципираат како да немаме и политичка стабилност одвнатре и имаме други проблеми, па затоа државата баш тоа што е најбитно, дипломатијата, го остава во втор план“.
Аналитичарот Синиша Пекевски критички оценува дека Македонија речиси и да нема надворешна политика и дека „сѐ повеќе нашата дипломатија личи на екскурзија на партиските полтрони во странство на државен трошок“.
– Дипломати без образование, минат труд, конекции и без манири се поставуваат на дипломатски позиции. Поставувањето амбасадори се сведе на лица што треба да се тргнат од македонската политика и лица што како партиска награда стануваат дипломати. Со такви лица нема дипломатија и воопшто е непотребно да се поставуваат дипломати во испразнетите амбасади бидејќи нема да добиеме никаква корист, туку само ќе го уништиме имиџот кој и така е лош во светот – изјави Пекевски во разговор за „Слободен печат“.
Димитровски: Не секогаш може да се изнајдат професионални кадри и од етничките заедници
Кога се зборува за ефектите од немањето амбасадори во 27 држави во време на геополитички турбуленции, заменикот министер за надворешни работи Зоран Димитровски вели дека, иако тоа се чини драматично, амбасадите не се празни. Напротив, таму има дипломати од МНР, кои се на високо ниво како вршители на работите. Според него, пополнувањето на ДКП-ата е резултат на договор на релација МНР-Влада-претседател на државата, при што треба да се води сметка за повеќе моменти, вклучително и буџетските ограничувања.
– Ние како МНР сме повеќе за професионализација, но мора да има правична застапеност и не секогаш може да се изнајдат професионални кадри и од етничките заедници за да се состави списокот – изјави неодамна Димитровски во телевизиско гостување.
Притоа најави дека за сите важни дестинации, многу брзо, во наредните недели на Влада ќе поминат кандидати.
Што се однесува до правичната застапеност при утврдувањето кандидати за амбасадори, Исени вели дека тоа е легитимно, па и неопходно, бидејќи амбасадорите не се претставници само на власта или државата во моментот, туку и симболични и институционални претставници за целото општество.
– Затоа дипломатската мрежа треба да ја одразува мултиетничката реалност на државата и нејзините уставни принципи. Секако дека правичната застапеност не смее да биде на сметка на професионализмот. Најдоброто решение според компетентно дипломатско искуство е основно загарантирана еднаквост бидејќи како што знаеме дипломатијата е и уметност да се претставува државата, а и другите да се препознаат во неа – ни изјави Исени.
Тој уште додава дека решавањето на ваквиот вакуум во дипломатската мрежа бара стратешки пристап и јасни критериуми и департизирано донесување одлуки, бидејќи само така надворешната политика може да биде кредибилна, а државата целосно претставена и надвор и одвнатре.
– Надворешната политика мора да се реформира со професионализација и почитување на уставните принципи и јасна одговорност за институционалниот застој. Во спротивно, амбасадите ќе останат формално освоени, но политички празни, во суштина – коментира Исени.
Инаку, минатата година заминаа тројца нови амбасадори, а беа именувани уште четворица, но тие сè уште се дома бидејќи, според Димитровски, сè уште не е закажана седница во Собранието за сослушување, а според дипломатски извори, проблем се парите.


