Македонската авијација слави 100 години постоење: Голем аеромитинг на спортскиот аеродром Стенковец

Со голем Аеромитинг во сабота, на спортскиот аеродром Стенковец кај Скопје, ќе биде одбележан јубилејот – 100 години македонска авијација, за чиј почеток се смета основањето на Аероклубот Скопје во далечната 1923 година

Два српски суперсонични пресретнувачи МИГ-29 заедно со два борбени авиони од типот Ф-16 на грчкото воено воздухопловство, придружувани многуверојатно и со неколку „Јурофајтер тајфун“ суперсонични ловци од 4+ генерација на италијанските воздухопловни сили како и повеќе од 30 летала од земјава и странство овој викенд ќе бидат учесници на големиот аеромитинг во сабота, 16 септември, на спортскиот аеродром Стенковец кај Скопје.

Поводот за присуството на големиот број на воздухоплови над скопското небо е одбележувањето на јубилејот – 100 години Македонска авијација, за чиј почеток се смета основањето на „Аероклубот Скопје“ во далечната 1923 година.

Како што информираше организаторот „Ароклубот Скопје“ аеродромските врати за посетители ќе бидат отворени во 9 часот, а официјалната програма почнува во 11 часот. Посетителите ќе имаат можност да видат акробатско летање со авиони, прелети во група и низок прелет на патнички авион. Падобранците ќе го развеат најголемото државно знаме од воздух, а едриличарите ќе презентираат неверојатни акробации.

Хеликоптер на АРМ / Фото: ”Слободен печат” – Драган Митрески

Во програмата е предвидено да има акробации кои се стандардни за аеромитинзи, а свое учество ќе земат и хероите на летните пожари, трите „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување кои ќе летаат во формација, потоа владиниот авион од типот „Лирџет 60“, полициските хеликоптери и авионот на воените сили Ми-17, а во низок лет ќе лета патничкиот авион „Ербас А320“ на авиокомпанијата „Визер“.

Фото: Слободен печат /Ристе Пејовски

Специјални гости ќе бидат авиони од воздушните сили на Србија, Италија и Грција. Посебна атракција ќе приредат двата суперсонични пресретнувачи МИГ-29 на Српското воено воздухопловство кои исто така ќе бидат дел од големиот аеромитинг, соопштија од Аероклубот – Скопје.

На аеромитингот ќе биде изложен и единствениот Македонски воздухоплов дизајниран и произведен од членови на Аероклубот „Илинденка“, кој претставува „светиот грал“ на македонското воздухопловство. Во соработка со Министерството за одбрана на Република Северна Македонија, „Илинденка“ ќе може да ја видат посетителите на овој настан.

Влезот на аеромитингот е бесплатен, а паркинг-местата се ограничени. За посетителите од Скопје ќе има организиран бесплатен превоз со автобуси кои ќе тргнат во 8.30 часот од пет локации: Автокоманда кај ЈСП, Транспортен центар, Ѓорче Петров кај пазарот на вториот кружен тек, Бутел кај Еделпром и салата „Борис Трајковски“. Автобусите ќе возат во двата правци до 19 часот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот