Македонија во ОН гласаше „За“ Резолуцијата за Сребреница, Бошњачкиот демократски сојуз му се заблагодари на Османи за коспонзорството

Македонија гласаше „За“ Резолуцијата за Сребреница во Генералното Собрание на Обединетите нации. Резолуцијата, предложена од Германија и Руанда, поддршка доби од уште десетина други држави, вклучувајќи ги сите поранешни југословенски републики, освен Србија. Македонија е коспонзор на оваа Резолуција со која се предвидува, 11-ти јули да биде Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот од 1995-тата година, кога беа убиени осум илјади босански муслимани.

84 гласаа за Резолуцијата за геноцидот во Сребреница, 19 беа против, а 68 беа воздржани.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи пред нешто повеќе од еден месец информираше дека Македонија ја коспонзорираше Резолуцијата на ОН насловена “Меѓународен ден за рефлексија и комеморација на геноцидот во Сребреница во 1995“ а во која една од главните точки е воспоставување на ден за одбележување на масакрот од Сребреница, на 11 јули секоја година.

Веднаш потоа, реагираше српскиот претседател Александар Вучиќ, кој во телевизиско интервју на Пинк рече дека Македонија е еден од коспонзорите на резолуцијата и дека овој став на Македонија се заснивал, пред сѐ, „на одлука на албанското раководство во земјата“.

„Но, сосема е сеедно кое раководство ја донело одлуката. Станува збор за Северна Македонија. Им ‘благодариме’ на тоа, веројатно заслуживме со се она што го направивме за пријателството со Северна Македониј’а, изјави тогаш Вучиќ.

Бошњачкиот демократски сојуз изрази благодарност до Владата и до министерот за надворешни работи, Бујар Османи, што Македонија е една од земјите коспонзори на Резолуцијата за Сребреница.

„Бошњачкиот демократски сојуз го поздравува усвојувањето на Резолуцијата за Сребреница на седницата на ОН. Резолуцијата ја претставува значајната симболика и моралната одговорност на меѓународната заедница кон жртвите на геноцидот во Сребреница во јули 1995 година. Усвојувањето на Резолуцијата претставува израз на солидарност со семејствата на жртвите на геноцидот во Сребреница, а може да послужи и како основа за понатамошни чекори кон правдата, помирувањето и градењето мир во регионот“, стои во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот