Талат Џафери има две функции, ама ќе земе една плата

Талат Џафери Фото: Принтскрин

Џафери не одговори на нашите телефонски повици и пораки со прашање – дали месечниот приход ќе го добие од Собранието, откако пред три недели му беше верификуван пратеничкиот мандат, или ова ќе му биде последната плата како технички премиер, зашто за една недела се очекува изборот на новата влада.

Талат Џафери, иако едновремено е пратеник и технички премиер, ќе земе една плата, а Собранието и Владата треба да се усогласат која од институциите ќе го исплати. Ни Собранието ни Владата не одговараaт од која институција Џафери ќе земе плата.

Џафери не одговори на нашите телефонски повици и пораки со прашање – дали месечниот приход ќе го добие од Собранието, откако пред три недели му беше верификуван пратеничкиот мандат, или ова ќе му биде последната плата како технички премиер, зашто за една недела се очекува изборот на новата влада.

Платата на Џафери повторно се актуелизира, откако вчера на собраниската Комисија за избори и именувања помина решението за платите на актуелните пратеници. На списокот за собраниска плата е и пратеникот Талат Џафери бидејќи, според објаснувањето, неговиот пратенички мандат е верифициран на првата конститутивна седница на Собранието на 28 мај. Ни од Собранието, ни од Владата официјално нема одговор која институција ќе го исплати пратеникот и технички премиер. Според информациите, службите во Собранието и во Владата се договараат од која институција ќе биде исплатена платата.
Според досегашната практика, техничките премиери кои биле избрани за пратеници, платата ја добивале од владата. Како што веќе објавивме, Џафери не е прв случај едновремено да биде технички премиер и пратеник. Двојството на функциите не е карактеристично само за функцијата премиер на техничката Влада, бидејќи и пред „пржинската“ влада имало случаи кога политичките премиери едновремено се избрани и за пратеници и ја извршувале функцијата премиер до изборот на новата влада. Тоа било случај со Бранко Црвенковски, Владо Бучковски, но и со техничките премиери Емил Димитриев и Оливер Спасовски.

Не се поднесува оставка во влада што нема мандат

 

Џафери на конститутивната седница рече дека нема да се повлече и ќе ја извршува функцијата премиер. Тој додаде дека бил донесен заклучок на седница на Владата тој да продолжи да ги извршува должностите како премиер додека биде избран идниот владин состав. Дотогаш, нема да учествува во работата на Собранието.

– Врз основа на Законот за спречување или превенција на корупција и заради спречување на корупција и конфликт на интереси, затоа што не може во исто време да носам две должности, две функции, поради оваа причина, до изборот на идната Влада, нема да учествувам во работата на Собранието и во одлучувањето во Собранието, за да ги исполнам законските одредби на Законот за спречување на корупција и конфликт на интерес – рече тогаш Џафери.

Вкупно 36 експратеници една година ќе примаат апанажа од околу 2.000 евра

Комисијата за избори и именувања одобри нови седум решенија за апанажа на пратеници од претходниот собраниски состав. Со претходно одобрените 29 решенија, вкупно 36 експратеници една година ќе примаат апанажа, односно плата во висина од околу 2.000 евра.
Решение за апанажа добија поранешните пратеници Арбен Зибери, Љатифе Шиковска, Енес Ибраим, Снежана Калевска Ванчевска, Бастри Бајрами, Вјолца Адеми и Бедри Фазли. Против одобрување апанажи гласаше само пратеникот Борислав Крмов од Левица.

На Комисијата беше прифатено и барањето за остварување на отпремнина при заминување во пензија од поранешните пратеници Коле Чаракчиев, Стојан Миланов и Панчо Минов.
Комисијата го усвои и барањето за остварување плата по престанок на функцијата член на Советот на јавните обвинители на членот Арбен Исаку.
Не беа прифатени барањата за апанажа на тројца членови на Кабинетот на поранешниот претседател Стево Пендаровски, со образложение дека Собранието не ги именувало на тие позиции.
На седницата на Комисијата беа екипирани и постојаните работни тела на Собранието.

Потпретседателите на Гаши различно се „колнеа“

Пратениците ги избраа Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, Јован Митрески од опозициската СДСМ и Весна Бендевска од владејачката ЗНАМ за потпретседатели на Собранието. За Милошоски гласаа 69 пратеници, за Митрески се изјаснија 82 пратеници, а за Бендевска 70.
Гаши заклетвата дека потпретседателите при вршење на функцијата ќе го почитуваат Уставот и законите на Република Северна Македонија ја читаше на македонски јазик. Бендевска заклетвата ја изговори со РС Македонија, додека Митревски ја повтори како што претседателот Гаши ја прочита – Република Северна Македонија.

Впечаток е дека функционерите, во зависност на тоа на која партија и припаѓаат и, пред се, дали го прифаќаат уставното име, прават варијации на свечената заклетва за да не го употребат уставното име Република Северна Македонија.

Претходно, на инаугурацијата за претседателка на државата, Гордана Сиљановска-Давкова во заклетвата изговори само Македонија, без придавката Северна, но и без Република, што пак, предизвика бурни реакции и во земјава и во Грција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот