ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Ѓорески: Карциноми се лекуваат со криоаблација, без оперативен зафат и цитостатици

Д-р Александар Ѓорески/ Фото: Методи Здравев

Што е аблација на тумори? Се лекува ли карциномот без оперативен зафат? Колку се успешни овие методи? Дали, освен цитостатската терапија, постојат и други алтернативни методи на лекување? Утрово, одговор на овие, но и на многу други прашања во емисијата „Слободен печат“ ќе добиеме од раководителот на Одделот за радиологија, онкологија и нуклеарна медицина од приватната болница „Аџибадем Систина“, доктор Александар Ѓорески.

Ѓорески вели дека е интервентен радиолог кој се занимава со минимално инвазивни третмани.

– Јас сум субспецијалист по интервентна радиологија. Тоа значи дека не само што дијагностицираме, туку во голема мера и третираме одредени заболувања. Интервентната радиологија, како поминуваат годините станува се по голема, па и тука веќе се оформија неколку подгранки. Така ја делиме на неваскуларна интервентна радиологија, васкуларна интервентна радиологија, интервентна онкологија и оној најспецифичен дел кој се занимава со третман на промени во главата, односно мозокот, тоа е невроинтервентната радиологија-вели докторот.

Д-р Александар Ѓорески/ Фото: Методи Здравев

Негов фокус, потесно поле на интерес е интервентната онкологија каде се прават минимално инвазивни третмани на тумори.

– Во последните години интервентната онкологија се издигнува како трет столб во третманот на канцер. Тоа значи, ако првиот столб е класичната онкологија и радиотерапија, вториот столб е хирургија, третиот столб којшто е подеднакво важен е интервентната онкологија. Тука ние се наоѓаме со неколку различни типови на третмани, почнувајќи од инвазивна дијагностика на туморите. Што тоа значи? Тоа значи дека доколку пациент има сомнение за канцер, коешто е поставено преку некое од класичните снимања како компјутеризирана томографија, магнетна резонанца, ултразвук, рендген и така натаму, на онкологот пред да започне со терапија, му е потребна патохистолошка потврда. И тука ние се наоѓаме со различни видови на биопсии. Интервентниот радиолог, користејќи некакви алатки, ЦТ или ултразвук или флуороскопија може да дојде до најдлабоките делови од човечкото тело без операција, без сечење, без рез и да извади парче ткиво-вели Ѓорески.

Тој објаснува дека ако порано интервентните радиолози третирале само тумори на црн дроб, малигни тумори како што е хепатоцелуларниот карцином, во денешно време третираат и метастази на црн дроб.

– Можеме да третираме метастази од карцином на дебело црево, но и метастази од различни други типови на канцери, како што се метастази од карцином на дојка, метастази од бубрежни карциноми и така натаму. Тоа го правиме преку аблација, којашто е минимално инвазивна техника, и од друга страна, преку директна апликација на цитостатици во црниот дроб, метода која се вика емболизација, односно хемоемболизација-вели докторот.

Тој вели дека прават емболизација на простатичната артерија кај пациенти со зголемена простата.

Д-р Александар Ѓорески/ Фото: Методи Здравев

– Не мора пациентите да одат на класична операција. Нормално, тоа е метода на избор и така и ќе остане. Меѓутоа, кај одредена селектирана група на пациенти кај коишто не може да се изведе операција од икс причини, по минимално инвазивен пат, да ги третираме и да им ја намалуваме простатата-вели Ѓорески.

Ова е единствен таков оддел во регионот, не само во државата. Од октомври лани прават и криоаблацијата, метода којашто ги уништува туморските клетки по пат на смрзнување на ткивото.

– Се внествува тенка игла, под компјутерска томографија, една или повеќе игли, зависно од големината на туморот, истите се поврзуваат на специјален апарат, којшто го имаме на нашиот оддел, тој продуцира екстремно ниски температури директно во туморското ткиво, од минус 40 до минус 20 и така настанува изумирање на канцерските клетки-вели радиологот.

Најголемиот тумор кој го третирале е 8 до 9 сантиметри. Интервенцијата чини околу 5.000 евра, а пациентот по еден ден си оди дома.

Целото интервју погледнете го во продолжение:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот