Кој сака на Шара да стигне и да се вози со возило ќе плати

Фото: Слободен печат

Националниот парк Шар Планина одлучи да наплаќа влез за лицата кои ќе го посетуваат паркот, а во него ќе влезат со возило.

Во зависност од возилото, влезницата ќе се движи од 150 до 450 денари, а за тие кои ќе влезат пеш, со велосипед или било какво превозно средство кое на ја загадува околината нема да се наплаќа влез.

Влезница ќе треба да платат и лицата односно групите кои од планината остваруваат профит.

„За поголема информираност ќе бидат поставени табли, а наплатата ќе биде електронска. Националниот парк Шар Планина, никако нема да наплаќа влез за посетителите кои сакаат да пешачат или тој што доаѓа со велосипед, барем за овие неколку години. Ние ќе наплаќаме само за моторните возила, тие се загадувачи на природата. Тој тарифник нема да важи за резидентите. Ќе изготвиме апликација како што е за паркинзите во градовите“- Ибрахим Дехари, директор на ЈУ НП Шар Планина.

Планинарските друштва ја поздравуваат одлуката на НП Шар Планина. Оттаму велат дека ваквиот чекор ќе ги подзамисли посетителите дали и до најблиската дестинација на Шара ќе одат со моторно возило.

„Поставувањето на овој тарифник се надеваме дека ќе игра улога во одењето на планина со автомобил, со оглед на тоа дека веќе имаме национален парк. Рално сите овие работи треба да се забранети и се надеваме дека ќе ја подигнеме свеста кај граѓаните дека националниот парк останува за нас, но понатаму го оставаме и на нашите идни генерации“- изјави Снежана Новаковска, претседателка на ПК Тетекс.

„Да се воспостави некој ред, кој може да оди, што може да се посети, во кое време. И што е најважно кога ќе одат на одредени места отпадот да не го оставаат таму, да го земат со себе за да ја заштитиме природата“- изјави Бујар Џеладини, претседател на ПК Тетова.

Одлуката ќе почне да се спроведува од ова лето.

Инаку Националниот парк Шар Планина и планинарските клубови од тетовско-гостиварскиот регион денеска потпишаа Меморандум за соработка, со цел како што истакнаа поголема координација и унапредување на животната средина.

Планинариските патеки на Шара ќе се уредуваат во координација со НП Шар Планина

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот