Македонија со пораз го започна настапот на ЕП, неискуството ги „спаси“ Словенците

Македонија со пораз го започна настапот на ЕП/ фото: EPA-EFE/Zsolt Czegledi

Ракометната репрезентација на Македонија со пораз од Словенија од 25:27 го започна настапот на Европското првенство. Иако неколку минути пред стартот на натпреварот пристигна најлошата вест за „црвено-жолтите“, Кирил Лазаров поради повреда на потколеницата нема да може да игра и ќе има само една улога, селекторската, ракометарите одиграа одличен наптревар против фаворизираната Словенија, но на крајот загубија со 25:27.

Младите ракометари одиграа одлично, но го платија данокот на неискуството, односно во моментите кога се кршеше резултатот, не се снајдоа најдобро, правеа технички грешки, и тоа го искористија Словенците за на крајот да слават.

Ракометарите одлично го започнаа натпреварот, Филип Талевски го отвори резултатот, а по трите одбрани на Мартин Томовски, „црвено-жолтите“ во петтата минута по головите на Пешевски и Велковски поведоа со 3:0. Во седмата минута по голот на Цветан Кузмановски, Македонија поведе со 4:1, но потоа следеше црн период од пет минути без гол.

Неискуството го одлучи победникот/ фото: EPA-EFE/Zsolt Czegledi

Техничките грешки во нападот беа казнети од Словенците кои направија серија од 0:6 и победоа со 4:7 во 12 минута, по што Лазаров мораше да повика тајм-аут. По тајм-аутот, реализацијата се подобри и по двата гола по ред на Филип Кузмановски, во 18 минута, резултатот беше израмнет 8:8. Потоа повторно следеше период во кој ракометарите на двете селекции не можеа да погодат, за пет минути игра се постигнаа само два гола за 9:9, но во финишот Словенците беа поумешни, ги искористија своите шанси на одмор заминаа со предност од три гола 10:13.

Второто полувреме започна како и првото, со гол на Македонија преку Филип Кузмановски, но во 33. минута Словенија го имаше најголемото водство на натпреварот од 17:12. Противникот постигна два брзи гола по техничките грешки во нападот и тоа во моменти кога голот беше празен поради играта 7 на 6.
Талески и Цветан Кузмановски со два брзи гола намалија на 17:14 по што следуваше период во кој се играше гол за гол за во 38 минута по голот на Филип Кузмановски, „црвено-жолтите“ дојдоа на минус еден (18:19). Словенците веднаш преку Цехте поведоа со два гола, по што „црвено-жолтите“ не реализираа неколку напади и тоа го казни Цехте за 18:21 во 46 миунута. Филип Кузмановски намали на 19:21, но Благотиншек во следниот напад повторно и носи предност на Словенија од три гола.

Македонија немаше сили за позитивен резултат/ фото: EPA-EFE/Zsolt Czegledi

Цветан Кузмановски во 50 минута од пенал намали на 20:22, но повторно Мацковчек стрела за Словенија. Младиот Кузмановски во 52 минута го постигна својот петти гол со кој намали на 22:23. Слковенците возвратија со два брзи гола и во последните пет минути влегоа со предност од 22:25. Талевски погоди за 23:25, а Словенија одговори преку Зарабец. Кодрин со голот во 58 минута (24:27) ја завери победата на Словенија, а до крајот Македонија успеа само да намали на 25:27, резултат кој се покажа како конечен.

Одлична партија одигра Цветан Кузмановски кој беше најпрецизен со осум постигнати голови, Филип Кузмановски даде пет гола, Талески даде четири, Велковски три гола, додека на голот, Мартин Томовски имаше 14 одбрани.
Кај Словенија, Доленец постигна пет гола, а Јанц и Благотиншек дадоа по четири гола.
Следниот натпревар, Македонија ќе го игра за два дена против Црна Гора.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот