„Мајката на судниот ден“: Започнува судењето за мајката која си ги уби децата тврдејќи дека се претвориле во „зомби“

Фото колаж на СП

Лори Валоу-Дејбел, позната во американските медиуми како „Мајка на Судниот ден“, денеска ќе се појави пред судот. Таа е обвинета заедно со нејзиниот сопруг за убиство на нејзините две деца и неговата поранешна сопруга, пишува „Си-Би-Ес“.

Судењето на 49-годишната Американка, кое започна во понеделникот во Ајдахо, го привлече вниманието на американските медиуми бидејќи станува збор за многу сериозен и драматичен случај за кој веќе се напишани книги и документарни филмови.

Пријателите на жената родена во Калифорнија, која била воспитана како христијански верник, ја сметале за прекрасна мајка која ги обожавала своите деца. Многумина ја памтеле како исклучително харизматична жена, која како магнет го привлекувала машкиот интерес (оттука доаѓа и фактот за нејзините многубројни бракови) но и посветеноста на луѓето околу неа. Властите веруваат дека таа дури успеала да го убеди нејзиниот брат да дејствува како извршител во нејзино име, за да се ослободи од нејзиниот поранешен сопруг.

Случајниот настан во животот на Валоу беше, според повеќето извештаи, нејзината средба (и последователниот брак) со Чад Дејбел, нејзиниот 5-ти и сегашен сопруг. Дејбел бил на чело на подгрупа „верници“ опседнати со Второто доаѓање, а тој како автор напишал неколку книги околу блиску смртни искуства, демони и – се разбира – Судниот ден.

Валоу и Дејбел се запознале на настан во 2018 година, кога и двајцата биле во брак со други луѓе, но тоа не ги спречило да се заљубат и да се венчаат. Кога Валоу се преселила во Ајдахо со нејзините две деца – биолошката ќерка Тајли Рајан и посвоениот син Џошуа „Џеј-Џеј“ Валоу – за да биде со својот љубовник (за кого на крајот ќе се омажи), парот наводно одлучил дека децата биле опседнати од зли духови и се претвориле во „зомби“ и затоа „морале да умрат“.

Според двете книги напишани за случајот и судските документи, цитирани од „Њујорк Пост“ , проблематичната двојка наводно верувала дека има демонски духови кои ги окупирале телата на луѓето и дека единствениот начин да се „ослободат“ оние души кои се „прогонети“ во чистилиште е да умре нивното месо, кое се претворило во „зомби“.

И покрај апсењето, Валоу никогаш не покажала страв, каење или тага за нејзините мртви деца. И таа и Дејбел се изјасниле за невини за убиствата на 16-годишната Тајли и 7-годишниот „Џеј-Џеј“ и за други обвиненија, вклучувајќи заговор и измама во смртта на поранешната сопруга на Дејбел.

Тинејџерката и малото момче исчезнале во септември 2019 година, а нивната мајка и нејзиниот петти сопруг изгледале целосно незагрижени за нивната судбина од самиот почеток. Тие 10 месеци одбивале да откријат детали на полицијата и покрај тоа што случајот добил голем публицитет.

Кога конечно била уапсена во врска со исчезнувањето на децата во февруари 2020 година, додека била на одмор на Хаваи, мајката се насмевнала како „филмска ѕвезда“.

„Направив сѐ за да ги заштитам во текот на нивниот живот, како што знаете. Жал ми е што не ја разбирате целосно ситуацијата. Еден ден ќе разберете“, се зборови кои мајката им ги кажува на своите две деца во серијата на „Нетфликс“ „Гревовите на нашата мајка“ (2022), која е снимена откако случајот стана доста познат во јавноста.

Телото на 7-годишното момче било пронајдено на 9 јуни 2020 година, во импровизирана гробница во домот на Дејбел во Ајдахо. Остатоците од телото на Тајли (кое било распарчено и изгорено) биле во блиската јама.

Валоу и Дејбел, исто така, се соочуваат со обвиненија во врска со смртта на поранешната сопруга на Дејбел, Тами, за која првично се верувало дека починала од природна смрт, но обдукцијата го поништи тоа. Двојката се венчала две недели по нејзината смрт.

Валоу, исто така, се соочува со обвиненија во врска со смртта на нејзиниот поранешен сопруг, Чарлс Валоу, кој бил застрелан во главата во 2019 година од нејзиниот брат Алекс Кокс, кој тврдел дека дејствувал во самоодбрана.

Иако тогаш не биле покренати обвиненија, властите во Аризона велат дека имаат докази дека Валоу се заговарала со нејзиниот брат да го убијат Чарлс. Алекс Валоу исто така е мртов, а единствениот кој ја знае вистината за тоа што се случило е неговата сестра. Обвинителите не го обвинија Дејбел за тоа конкретно убиство, за разлика од другите три злосторства за кои се верува дека биле извршени заедно.

Комплицираната, крвава приказна за парот кој на најболен начин се „подготвил“ за Судниот ден ја подели американската јавност. Некои веруваат дека фанатичниот автор кој бил опседнат со демони ја претворил „слатката и вљубена“ Лори во убиец. Други веруваат дека 47-годишната жена долги години го криела своето вистинско, злобно јас зад шармантната и љубовна личност што ја создала, а неколку инциденти во нејзиното минато го зајакнале овој став.

Можеби вистината за „Мајката на судниот ден“ – на која и се суди одвоено од нејзиниот „сакан“ за трите злосторства што наводно ги извршиле заедно – ќе биде откриена во следните 10 недели, преку сведочењето на сведоците во судницата во Боис.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот