ВИДЕО | Мајката на осомничениот за убиството на жена во Челопек: Ни завидуваат оти имаме 250 овци, од љубомора го пријавуваа во полиција
Мајката на 25-годишниот осомничен за убиството на жена од Челопек тврди дека нејзиниот син е невин и дека бил мирен, нагласувајќи дека пасел овци и немал проблеми со никого.
Препорачано
Таа за „Бум Радио“ изјави дека дел од селаните наводно „им завидувале зашто поседувале околу 250 овци и дека токму поради таа љубомора го пријавувале во полиција за наводни кражби“. Мајката не сакала да зборува пред камера.
Во меѓувреме, јавноста очекува официјални информации од надлежните институции за случајот, како и за тоа дали осомничениот е поврзан и со други убиства на жени во регионот.
Жителите на Челопек и Драгоманце се вознемирени и стравуваат за својата безбедност, а дел од нив се сомневаат дека 25-годишниот осомничен можеби имал и соучесник.
Т.Б. од селото Малотино се сомничи дека во периодот од 27 јануари до 12 февруари, на засега неутврден датум, во Челопек, Општина Старо Нагоричане, свирепо ја убил 78-годишната М.С.
Поради сличностите во изборот на жртвите и начинот на извршување, Обвинителството проверува дали и други случаи може да се поврзани со истиот сторител.
Сè уште се очекуваат официјалните резултати од обдукцијата на 35-годишната Марија Маринковска од Куманово, која беше ексхумирана за повторно да се утврди причината за смртта. Таа претходно се жалела дека осомничениот ја следел.


