Мачорот Лери го испрати и Борис Џонсон, а ја пречека Лиз Трас

Фото: Принтскрин/Твитер

Мачорот Лери, чија официјална титула е „Главен глувчеловец во Кабинетот на премиерот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска“, ја надгледува работата на британските лидери повеќе од десетлетие. За тоа време, тој испрати тројца премиери од „Даунинг стрит“ број 10, а тукушто ја пречека и новата „станарка“ – Лиз Трас.

По Дејвид Камерон и Тереза Меј, си замина и Борис Џонсон… По тој повод, луѓето што ја уредуваат официјалната Твитер-страница на Лери, запишаа дека е „време да се расчистат неколку работи“…
„1. Јас не сум ‘мачката на Борис Џонсон’; 2. Како и сите премиери, и тој беше само привремен жител на ‘Даунинг стрит’; 3. Јас постојано живеам овде. Кога тој конечно ќе си отиде, јас останувам;. 4. Да, тоа е многу засрамувачки, но наскоро и ова ќе заврши“, „објави“ Лери на Твитер.

Тој беше донесен во седиштето на британската влада од некогашниот премиер Камерон, кој го вдоми во 2011 година, од домот за мачки и кучиња „Батерси“. Минатата година се најавуваше „пензионирање“ на мачето и негово повлекување на село, но ете – тој го испрати и Борис Џонсон.

Околу 650.000 луѓе го следат Лери на Твитер, што е двојно повеќе од новата премиерка во мигов. Трас е свесна за тоа.

– Бев една од неговите омилени министерки… Се надевам дека ќе го надоградам тоа пријателство – изјави таа неодамна.

Мачорот Лери сега има 15 години и се чини, сѐ уште е во добра форма. За две години се одржуваат редовните парламентарни избори, па тогаш можеби во „неговата куќа“, при неговиот „мандат“ ќе пристигне и петтиот премиер на Обединетото Кралство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот